
Заврши шестото издание на „Златна рамка“ на ДФРМ, врачени почесните награди на тројцата лауреати
Шестото издание на „Златна рамка“, филмска ревија во организација на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ), се одржа од 18 до 20 јуни во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје.
Препорачано
Традиционално, на „Златна рамка“ беа врачени почесните награди на ДФРМ за филмски актер, филмски автор и филмски работник. Добитници на наградите оваа година се актерот Тони Михајловски, продуцентот Владимир Анастасов и филмскиот работник Марина Колоска.
Настанот на едно место обедини околу стотина гости – еминентни претставници од светот на културата и кинематографијата, како и љубители и поддржувачи на македонската филмска индустрија.
Филмската ревија „Златна рамка“ претставува можност за публиката бесплатно да ги погледне македонските филмски остварувања што биле реализирани во текот на изминатата година, а биле поддржани од Агенцијата за филм.
– Со организацијата на „Златна рамка“ целиме да ја промовираме македонската кинематографија на поширока публика и верувам дека и оваа година успеавме во тоа. Навистина ми е драго што имаме зголемен број филмски проекции – изјави Томи Салковски, Генерален секретар на ДФРМ.
Програмата годинава содржеше три долгометражни, девет краткометражни и пет документарни остварувања, а се одржа и Годишното собрание на ДФРМ, трибина, социјалната програма „Фокус“ и секако, свеченото доделување на почесните награди „Златна рамка“.
– Иако посветеноста и креативноста на нашите филмски работници се видливи преку нивната импресивна работа, македонската филмска индустрија бара соодветна поддршка и промоција од нашите институции за вистински просперитет. Сегашната состојба на македонскиот филм ја истакнува алармантната потреба од систематско делување.
Манифестациите како „Златна рамка“ го прикажуваат потенцијалот на македонската кинематографија, но без одржлива институционална поддршка, нашата филмска индустрија не може да просперира. Апелирам за зголемена поддршка на македонската кинематографија, за да не се доведуваме во ситуација да треба да ја реанимираме и враќаме во живот. Да ја поддржиме и со тоа и да го поттикнеме филмскиот талент во државата. Ги охрабрувам сите граѓани со своето присуство на филмски проекции да ги испочитуваат нашите талентирани филмаџии и да оддадат признание на македонската кинематографија – изјави Игор Иванов – Изи, Претседател на Друштвото на филмски работници на Македонија.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 236, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-23.6.2024)