Фото: akademik.mk

Засега нема казни, ама двојазичните декларации мора да се залепат

Во моментов, како што објасни Горан Трајковски, директор на Државниот пазарен инспекторат, инспекторите спроведуваат надзори за ова законско решение, но даваат решенија со опомена и рок од 30 дена да се отстранат неправилностите

Не е направена интервенција во Законот за заштита на потрошувачите, со што би бил оставен преоден рок за трговците да ги потрошат старите и да ги залепат новите двојазични декларации на производите, дознава „Слободен печат“.

Законот беше донесен во ноември и стапи на сила по само 8 дена, што беше прекусо време да се заврши оваа обемна операција, оти на пример само кај еден трговец има по десетици илјади производи. Во моментов, како што објасни Горан Трајковски, директор на Државниот пазарен инспекторат, инспекторите спроведуваат надзори за ова законско решение, но даваат решенија со опомена и рок од 30 дена да се отстранат неправилностите.

-Рокот е премал и имавме реакции од трговците, дури и словенечките експерти препорачаа да има преоден рок од најмалку 6 месеци. Досега нема интервенција за вметнување на нов рок – додаде Трајковски.

Според Законот за заштита на потрошувачите, усвоен по скратена постапка на 15 ноември, освен на македонски или на некој друг јазик, сите потребни информации за производот мора да бидат истакнати и на албански јазик. За да ја исполнат оваа обврска, компаниите мора да ангажираат преведувач, што е дополнителен и непотребен трошок во економскава криза. Според ЗЗП, казните се движат и над 1.000 евра и затворање на дуќанот од 15 до 30 дена.

Стопанската комора на Македонија испрати допис до премиерот и до министерот за економија за прецизно и конкретно објаснување на Законот за заштита на потрошувачи во делот на декларациите што треба да содржат податоци и на македонски и на албански јазик. И вицепремиерот Фатмир Битиќи се согласи дека клучниот проблем е што не е направена преодна одредба со Законот за потрошувачи, а со неа увозниците и трговците ќе добиеја време да ги потрошат залихите на компаниите додека не им стигнат новите печатени декларации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот