Заразите може да убијат повеќе Палестинци од израелските бомби

Лекарите немаат ни време ни средства за да им помогнат на сите повредени и болни во Газа - Фотографија ЕПА, Мохамед Сабер

Меѓу децата помлади од пет години веќе до почетокот на ноември сто пати се зголемил бројот на случаи на дијареја. На овие деца нема каде да им се укаже помош

Ако итно не им се помогне на повредените, болните и на раселените Палестинци и додека не се обнови здравствениот систем во Газа, заразите може да однесат повеќе животи отколку израелските бомби, предупреди Светската здравствена организација.

Во Газа, според локалното Министерство за здравство, од почетокот на војната на 7 октомври па до завчера загинале повеќе од 14.800 луѓе. Поради израелската копнена операција речиси сите жители од северните региони на Газа се префрлиле во јужните. Напуштени се повеќето болници во северните региони, а оние во јужните региони се преполни и не можат ни да ги згрижат ниту да ги лекуваат сите пациенти. Оние со хронични болести воопшто не се третираат.

Обединетите нации проценуваат дека во изминатите седум недели вкупно 1,8 милион Палестинци ги напуштиле своите домови. Речиси две третини од нив, или околу 1,1 милион, ги преоптовариле 156-те установи на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА).

– Проверките во тие установи покажаа дека меѓу згрижените деца веќе се шират болести, главно дијареја и респираторни инфекции – изјави во Женева претставничката на СЗО, докторката Маргарет Харис.

Меѓу децата помлади од пет години веќе до почетокот на ноември сто пати се зголемил бројот на случаи на дијареја. На овие деца нема каде да им се укаже помош. Според ОН, во северниот дел на Газа делумно се оперативни само пет болници, а во јужниот од вкупно 11 оперативни се осум. Само во една има капацитети да се третираат случаи на критични трауми и да се спроведуваат сложени оперативни зафати.

– Може да се случи да видиме повеќе жртви од болести отколку од бомбардирањето, ако не успееме да го обновиме здравствениот систем – предупреди докторката Харис.

Претставникот на детскиот фонд УНИЦЕФ Џејмс Елдер телефонски од Газа јави дека видел деца со ужасни повреди како со часови чекаат на под за да им се укаже помош. Повредени деца лежат и по паркинзи и дворови покрај болниците.

Елдер додаде дека страдаат и децата од раселените семејства, бидејќи немаат здраво засолниште и топла облека што би ги штитела од влажното и студено време.

Прекинот на огнот што почна во петокот овозможи доставување хуманитарна помош до цивилите, но таа не е доволна за да ги задоволи основните потреби на два милиона луѓе. Во првите четири дена од прекинот на огнот во Газа влегле 800 камиони со хуманитарна помош, дури и до северниот регион, кој е воена зона. Пред војната, во Газа од Египет секој ден влегуваа по околу 500 камиони со стока.

Евакуација на прерано родените бебиња од болницата Ал Шифа – Фотографија ЕПА, Хаитам Имад

Обединетите нации предупредуваат дека во ваква ситуација би било безумно да продолжи војната, поради што повикаа прекинот на огнот да прерасне во трајно примирје.

Прекинот на огнот веќе беше продолжен за уште два дена, но треба да заврши денеска изутрина. Катар, како главен посредник, настојува да ги убеди Хамас и Израел да прифатат барем уште едно продолжување на прекинот на огнот, за да продолжи дневната размена на по десетина заложници на Хамас за тројно повеќе Палестинци од израелски затвори.
Министерството за надворешни работи на Катас прексиноќа истакна дека го користи продолжението за да обезбеди „одржливо примирје, кое би водело до преговори и конечно до крај на војната“.

– Работиме со она што го имаме, а тоа се одредбите што ни овозможуваат прекинот на огнот да трае сѐ додека Хамас е во состојба да ослободува по најмалку десет заложници секој ден – ијзави претставникот на катарското министерство Маџид ал Ансари.

Шефовите на разузнавачките агенции на САД и на Израел – Вилијам Барнс од ЦИА и Давид Барнеа од Мосад – завчера во Доха разговарале со катарскиот премиер за „параметрите од новата фаза од прекинот на огнот“ и за „понатамошните чекори“.

Анонимен извор од Хамас изјавил за Би-би-си дека е ограничен бројот на заложници што може да бидат ослободени, бидејќи многумина се под контрола на другите милитантни групи во Газа. Поради тоа, на раководството на Хамас му се потребни повеќе време за да добие информации за заложниците, за да може да договори нивно ослободување.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и генерали од одбранбените сили, сепак, најавија дека не се откажале од целта воената операција во Газа да продолжи, со месеци ако е потребно, сѐ до целосно уништување на капацитетите на Хамас.

Големо охрабрување е тоа што прекинот на огнот главно се почитува веќе пет дена, со исклучок на ситни инциденти, како нападот врз израелска воена патрола во северниот дел на Газа во вторникот. Неколкумина војници биле полесно повредени. Имало и неколку случаи израелски тенкови да отворат предупредувачки оган за да спречат групи Палестинци да се вратат во северниот регион, кој сѐ уште е воена зона.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот