
Запрени се активностите за пробивање на булеварот „Благоја Тоска“ во Тетово дека било зима
Запрени се градежните активности за пробивање на една од најважната сообраќајна артерија во Тетово, булеварот Благоја Тоска.
Препорачано
Тетовци две децениии чекаат да се реализира проектот, со цел растеретување на сообраќајот во градот.
Но, од оваа улица завршена е само првата фаза, за втората фаза на пробивање на делницата од тетовската болница се до средното текстилно училиште, механизацијата пред неколку месеци започна да работи, но сега стои паркирана.
„Ние мислевме дека досега работите ќе се завршат, така најавија и од Општина Тетово, но како што гледате не се работи. Со децении чекаме да се пробие булеварот, една делница не можат да завршат, затоа е ваков сообраќајот во Тетово, хаос е, а возила илјадници возат на иста сообраќајна инфраструктура изградена уште во времето на „Тито“, вели еден тетовец.
„И не е само тука проблемот, лошо е низ целиот град, дупка до дупка е низ улиците“, додава друг тетовец.
Од Општина Тетово, велат дека временските услови не дозволиле продолжување на градежните активности. Така им посочил изведувачот на работите. Се надеваат дека во текот на овој месец ќе се продолжи со градбата, ако има неоправдано доцнење ќе има и санкции.
„Ние како општина ја завршивме експропријацијата, што беше и најтешкиот дел. Се спогодивме со жителите кои имаа домови каде треба да поминува булеварот, но од фирмата изведувач ни посочија дека бил зимски перод и затоа не продолжиле со градежните активности, нормално дека ние како општина вршиме и надзор, ако се уште се одолговлекува работата, тогаш фирмата ќе има санкции, рече Бесарт Дурмиши претседател на Советот на Општина Тетово.
Советниците на опозицијата пак сметаат дека оправдувањето за доцнењето на пробивањето на булеварот Благоја Тоска е неосновано.
„Да зима е, но никој од нас не памети толку блага зима, ние ниту снег ниту ниски температури имаме, мислам дека тука станува збор за нешто друго, вели Глигорие Стојановски советник од советничката група на СДСМ.
Пробивањето на втората фаза од булеварот никако да се реализира, а за третата и последна фаза се уште нема никакви најави, ниту идејни проекти.
Инаку во Тетово има четири булевари, но не се сите целосно пробиени.
Обиколница за градот нема, па целиот транзитен сообраќај се одвива низ тесните улици, каде се создава голем сообраќаен метеж.