
Запленети масло од канабис, цигари и облека „Викторија сикрет“ – откриени повеќе обиди за криумчарење на граничните премини
Царинските службеници на граничните премини и мобилните тимови при Секторот за контрола и истраги во изминатите денови спречија низа обиди за криумчарење различна стока, како и нелегален влез на мигранти, соопшти Царинската управа.
Препорачано
На Меѓународниот Аеродром Скопје, американски државјанин се обидел да внесе 14 семки и 0,5 грама масло од канабис, скриени во багаж, облека и чорапи. По предистражна постапка, предметот е предаден на обвинителството, а дрогата е одземена.
На граничниот премин Богородица, откриени се тројца мигранти од Египет, сокриени во товарно возило. Тие се предадени на МВР за понатамошна постапка.
На аеродромот во Скопје, спречен е обид за шверц на 400 парчиња женска долна и ноќна облека со ознаки на „Викторија Сикрет“ и „Гучи“, како и пратка од Кина со 850 играчки, слушалки, држачи и привезоци.
Во друг случај, мобилен тим запленил три илјади цигари и еден килограм тутун кај патник кој патувал за Лондон, а дополнително, 11 штеки цигари биле пронајдени сокриени во цистерна на преминот Богородица.
Во три одделни случаи на Табановце и Скопје, се запленети музички инструменти, аудио опрема и електроника вредни 736.000 денари, криумчарени од македонски, италијански и албански државјани.
Во два случаи, спречен е обид за нелегален внес на вкупно 52.400 евра на Табановце. По 10.000 евра се вратени на патниците, а остатокот привремено е задржан согласно законот.
Службата за мобилни скенери на Табановце откри и 105 парчиња облека, обувки и разновидна стока вредна 170.000 денари, скриени во камион пријавен како празен.
Дополнително, автомобилска опрема вредна над 100.000 денари била пронајдена во возило со бугарски таблички, а на преминот Блаце биле откриени 20 парчиња делови за возила „Хјундаи“.
Царинската управа најави засилени контроли и апелираше за почитување на царинските и законските прописи.