Весна Дамева
Весна Дамева, претседателка на Судски совет/Фото: МИА

Заменик-претседателот на Судскиот совет ја разреши Дамева, утре ќе се бира нов претседател

Заменик-претседателот на Судски совет, Селим Адеми, ја разреши од функцијата претседателката Весна Дамева. На денешната седница, која измина во тензична атмосфера и со тешки зборови меѓу претседателката, нејзиниот заменик и членовите на судскиот орган, Адеми повика на гласање за разрешување на Дамева. Седуммина членови на Советот го поддржаа, по што Адеми констатира дека Дамева е разрешена и во нејзино присуство го презеде раководењето со седницата.

Дамева, реагирајќи на потегот на Адеми и на гласањето, меѓу другото рече и дека „нечии желби треба да бидат исполнети“ и дека „одредени лица од политиката ќе бидат задоволни од ова“.

„Ви благодарам многу, ме спасивте мене, оваа одлука е противзаконска. Но, нечии желби треба да бидат исполнети. Со гласање од седум гласа, каде што нема утврдено ниту основ за разрешување ниту број на гласови со кои се носи одлуката, ме разрешуваат. Ова не знам како ќе заврши, освен што одредени лица од политиката ќе бидат задоволни од ова. Судскиот совет се вклучи во анархија. Сè излезе од контрола. На мое присуство ми зеде право на збор. Избор се прави со осум гласа, а се зема мандат со седум гласа“, рече Дамева.

За утре во 11 часот е закажана седница за избор на нов претседател на Судски совет.

Уште од почетокот на денешната седница, атмосферата во салата беше тензична. Заменикот Адеми ја нападна Дамева, обвинувајќи ја дека „две недели го криела“ писмото од американската амбасадорка Анџела Агелер, а таа се оправда дека била на одмор.

Според Дамева, писмото не е вистинска причина за барањето за нејзино разрешување, туку дека „сакаат да биде разрешена пред да бидат изгласани сензитивни точки ставени на дневен ред, како што е одговорноста кај судиите“.

На контроверзното разрешување на претседателката на Судскиот совет денеска реагираа експерти, невладини организации и политички субјекти.

Според професорката од Правниот факултет, Ана Павловска-Данева, одлуката е противзаконита и спротивна на деловникот и како таква не смее да биде објавена во Службен весник.

„Владата, која има има свој претставник во Судскиот совет, Претседателот на државата (кој исто така има свој претставник кој патем е разрешен незаконски), Врховниот суд како највисока судска инстанца, правните експерти, Уставниот суд… јавно да го осудат денешниот преседан во СС,“ напиша професорката на Фејсбук, додавајќи дека разрешувањето на Дамева треба да биде оспорено во управен спор.

„Сите за правично судење“: Судскиот совет не ја испочитува процедурата за разрешување на Весна Дамева од функцијата претседател

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот