
Загриженост во САД: Се појави бактерија отпорна на лекови, носителите може да бидат асимптоматски
Инфекциите предизвикани од бактерии отпорни на антибиотици пораснале за речиси 70 проценти во периодот од 2019 до 2023 година, покажува најновиот извештај на научниците од американскиот Центар за контрола и превенција на болести, пишува „Јуроњуз“.
Препорачано
Најголемата закана доаѓа од бактериите што го носат таканаречениот НДМ-ген, кој им овозможува голема отпорност на лекови и ги прави исклучително тешки за третман. Според истражувачите, во моментов само два антибиотика покажуваат ефикасност против овие инфекции, а нивната примена е ограничена – се даваат единствено интравенски и се многу скапи.
До пред неколку години овие бактерии се сметаа за ретки и најчесто се поврзуваа со пациенти што примале медицинска нега во странство. Денес, ситуацијата е поинаква – зачестеноста на случаи во САД се има зголемено петпати.
„Порастот на НДМ-бактерии претставува сериозен ризик и буди голема загриженост“, вели Дејвид Вајс, истражувач на Универзитетот Емори.
Научниците предупредуваат дека многу луѓе можат да бидат носители на овие бактерии без никакви симптоми, што ја зголемува опасноста од нивно незабележливо ширење во заедницата. Дури и вообичаени инфекции, како што се уринарните, можат да прераснат во хронични и исклучително тешки за лекување, укажува докторката Мароја Волтерс, авторка на студијата.
Антимикробната отпорност се јавува кога бактериите или габите развиваат способност да преживеат и покрај дејството на лековите што треба да ги уништат. Прекумерната или неправилната употреба на антибиотици – на пример, недовршување на препишаната терапија – се смета за еден од главните фактори за создавање на отпорни соеви.
Последниве години експертите предупредуваат на сè почеста појава на бактерии отпорни на широк спектар антибиотици, вклучително и на карбапенеми, кои важат за последна терапевтска линија во лекувањето на тешки инфекции.
Истражувањето опфати 29 американски држави што систематски вршат тестирања и известуваат за бактерии отпорни на карбапенеми. Само во 2023 година биле регистрирани 4.341 случаи, од кои 1.831 бил поврзан со НДМ-генот. Во споредба со 2019 година, карбапенемските инфекции пораснале за 69 проценти, а НДМ-соевите доживеале дури 460-процентно зголемување.
Според д-р Џејсон Бурнхам од Универзитетот во Вашингтон, кој не учествувал во студијата, порастот е поврзан со периодот на пандемијата на ковид-19, кога антибиотиците често се користеле без вистинска медицинска потреба.
Иако бројките изгледаат алармантно, експертите предупредуваат дека тие веројатно ја потценуваат вистинската состојба. Голем број држави, меѓу кои Калифорнија, Флорида, Њујорк и Тексас, не се вклучени во анализата, а дури и во оние што известуваат редовно, случаите најчесто се откриваат кај болнички пациенти со тешки симптоми.
И претходни извештаи покажале зголемување на бројот на НДМ-бактерии, особено во Њујорк во периодот меѓу 2019 и 2024 година, што потврдува дека трендот на раст продолжува и денес.