
Загадените денови се веќе во полн ек, а за воздухот во Велес нема ни податоци
Жителите на Велес веќе неколку дена не знаат колку им е загаден воздухот што го дишат – во период кога се алармира за голема загаденост во другите македонски градови, за Велес нема никакви податоци. Податоците престанале да излегуваат од мерната станица на Министерството за животна средина на 9 ноември, денот на ослободувањето на Велес, пишува „Сакам да кажам“.
Препорачано
Претходно, од осум дена од почетокот на месецов, во четири вредностите на ПМ10-честички биле над максималната дозволена вредност од 50 микрограми на метар кубен.
„Од 9 ноември, поради проблем со уредот за преземање на податоци во мониторинг станицата за квалитет на воздух Велес 2, нема можност да се воспостави комуникација со базата за собирање на податоците и поради тоа податоци за измерените концентрации на загадувачките супстанци не се прикажуваат на порталот за квалитет на воздух“, соопшти Министерството.
Оттаму велат дека инженерите работат на отстранување на проблемот и дополнително ќе информираат за тежината на дефектот и можноста за отстранување.
И локалната власт и еколошките граѓански здруженија неколку години бараат во Велес уште една мерна станица, бидејќи постојната е единствена и е лоцирана во новиот дел на градот, во дворот од градинка во населбата Тунел. Жителите имаат потреба од мерења на воздухот во стариот дел на градот, каде најголемиот дел од семејствата и домовите се греат на дрва, пишува „СДК.мк“.
Според истражувањето на Општина Велес од пред седум години, 65 отсто од загадувањето во градот е резултат на домаќинствата, па на сообраќајот, а најмалку е на индустријата. Во време кога работеше Топилницата, во Велес имаше пет мерни станици, дел државни и дел општински.