
Заев му врати на Мицкоски: Видовме кој ви ги плаќа сметките во Белата палата
Поранешниот премиер Зоран Заев остро реагира на обвинувањата на актуелниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, нарекувајќи ги клевети и небулози тврдењата дека „што како премиер, што како градоначалник, има империја тешка стотици милиони евра“.
Препорачано
Заев му одговори дека со таквите клевети Мицкоски „сака да се оправда за катастрофата која ѝ ја нанесува на целата држава“.
„Неспособноста да испорача макар и еден единствен резултат во која било сфера од општеството и политиката, залиена со неговата самобендисаност и аздисаност ќе го турне во политичка провалија. Но, ќе мораме да внимаваме да не ни ја повлече и државата со себе во таа провалија.
Најостро и категорично ги отфрлам лагите и клеветењата од Мицкоски за наводни ‘куферчиња со пари од поранешен премиер од Бугарија’ како невистини и како очаен обид на неспособниот премиер да го пренасочи вниманието на јавноста од неговите неуспеси кон неговите измислици.
А, кога сме веќе кај куферите, видовме во снимките што сами си ги пуштија во јавност дека експерти за куфери со пари се токму неговите поддржувачи и финансиери. Оние за кои се фалеше дека му ги плаќале сметките за струја во Белата палата, оние несудени бугарски конзули и осудени криминалци пуштени да се бранат од слобода за да ја напаѓаат опозицијата“, напиша Заев на Фејсбук.
Мицкоски во саботата на митинг во Куманово порача дека предлог-резолуцијата за црвените линии на СДСМ е Тројански коњ и нов подарок за Бугарија.
За Мицкоски црвените линии на СДСМ биле тројански коњ од Бугарија