Фото: Драган Митрески, 13.07.2020, ДИК

За успешно справување со невистините треба професионални новинари а не аматери

Дека борбата со дезинформации не подразбира само пракса на новинарите да пишуваат текстови за оваа проблематика, која читајќи ја задира и во менталната благосостојба речиси кај сите, говори и еден интересен пример, но, во спротивна насока кој неодамна дојаде од Обединетото Кралство. Имено новинарка на светскиот медиумски сервис „Би-би-си“ чија главна тема и област на работа е битката со лажните вести, дезинформациите и пропагандите се соочува со тврдења дека лажела за своето работно искуство во своето портфолио за работа (CV).

Дваесет и седумгодишната Маријана Спринг која стана позната новинарка со своето известување на начинот на кој социјалните мрежи се користат за објавување лажни информации сега се соочува со непријатно обвинение дека самата дала погрешни информации и лаги дека таа соработувала со угледен дописник на британскиот сервис „Би-би-Си“ се со цел да се обиде да обезбеди нова работа.

Светските медиуми пишуваат дека пред околу пет години, г-ѓа Спринг се обидувала да добие работа како хонорарец во Москва за американската веб-страница за вести Coda Story. Во една статија во „The New European“ се вели дека кога се пријавила кај главниот уредник Наталија Антелава на веб-страницата Coda Story во 2018 година, таа рекла дека работела заедно со дописничката на „Би-би-си“ Сара Рејнсфорд на теми кои се однесувале на покривање на „перцепцијата за Русија“ за време на Светското фудбалско првенство во 2018 година.

Дваесет и седум годишната Маријана Спринг новинарка на Би-би-си која стана позната со своето известување за дезинформациите, периодов се соочува со обвинувања дека лажела при обид да се вработи во друг медиумски сервис

Нејзиното CV, наводно, се „пофалило“ дека во јуни 2018 година таа известувала за потребите на редакцијата кои ги покривале меѓународните вести за време на Светското првенство, особено врз перцепцијата врз Русија, заедно со познатата дописничка на „Би-би-си“ Сара Рејнсфорд. Сепак по проверката на овие наведени податоци од страна на уредничката на Coda Story Антелава, било установено дека новинарката на „Би-би-си“ која барала работа ниту работела со „познатата“ нејзина колешка од „Би-би-си“ ниту пак двете се познавале лично.

Случајот веднаш одекна во јавноста како интересен бидејќи светската јавност беше вчудоневидена поради фактот дека новинари кои се спротивставуваат на лаги и дезинформации сами шират дезинформации.

На редакциите им се потребни професионални проверувачи на факти

Проблемот за кој не е имун ниту регионот а уште помалку Македонија неодамна беше и во фокусот на домашните професионални медиумски куќи и здруженија на новинари.

Токму во тој контекст Институтот за медиуми и аналитика ИМА организираше панел-дискусија „Слободата на медиумите наспроти политичките притисоци и пропаганда, дезинформациите и говорот на омраза: Како понатаму?“, на која меѓудругото беше установено дека на македонските медиуми им се потребни проверувачи на факти во редакциите.

Според присутните на панел дискусијата беше заклучено дека треба да се насочиме кон посилно застапување на саморегулацијата на медиумите, да се стремиме кон воведување медиумска писменост уште од мали нозе кај децата, но и да се направи јасна дистинкција во земјата на професионалните од непрофесионалните медиуми.

Според искажаните закучоци на оваа тема на новинарот Атанас Кировски, јавноста ќе биде сведок на уште позначителен развој на дип-фејкот во јавниот простор, земајќи го предвид брзиот напредок на вештачката интелигенција. Според него, прашање на време е кога ќе се соочиме со лиферувани содржини, за кои при соочувањето нема да можеме да си веруваме на сопствените очи во она што го гледаме или она што го слушаме како измонтиран глас и слика.

„Додека се констатира дип-фејкот, тоа ќе го емитувате во етерот, а при ваквиот развој во иднината, прашање е што тогаш ќе прават медиумските редакции, односно дали ќе им требаат специјализирани форензички тимови за да проверуваат дали е нешто дип-фејк или не. Технолошките предизвици за нашата струка ќе станат многу сериозни. Сега за сега, тоа не е дојдено во Македонија, но ние не сме изолирани, за многу кусо време ќе дојде и кај нас“, вели Кировски.

Арта Тахири, уредничка на вести во телевизијата Алсат-М на дебатата го пренесе искуството од САД, каде што секоја редакција без разлика дали е поголема или помала има дел за верификација на фактите. И Доналд Трамп не можеше да се појави на весник или телевизија ако неговиот говор не е верифициран, посочува Тахири.

„Секоја редакција треба да работи во тој правец“, вели Арта Тахири.

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски на оваа тема е со став дека справувањето со дезинформациите значи давање предност на саморегулацијата на медиумите, работење со децата од најмали нозе за тоа како треба да ги читаат вестите и на што може да им веруваат, како и јасно издвојување на професионалците од непрофесионалците во медиумскиот простор.

Во поделената јавност, рече Чадиковски, имате една вистина на една структура, која што свесно шири невистини и имате друга структура, која се обидува да наметне и да биде поблиску до вистината. Воедно, тој потсети дека невистини се шират и од парламентарни говорници, се шират од прес-конференции, од политичката елита, без разлика дали се од власт или опозиција.

Професијата „ловец на лажни“ вести финансиски проблем за медиумските куќи

Присуството на толку многу лажни вести во информатичкиот простор доведува до тоа покрај медиумите и државниот апарад да отвора нови работни места именувани како „ловци на лажни вести“, кои треба да ги отстранат информациите што не се вистинити, а можат да направат штета.

Така, „Дојче веле“ тврди дека во иднина Холанѓаните рачно ќе ги бројат гласачките ливчиња по изборите, од страв од руско влијание. Дури се шпекулира дека Олаф Шолц е мета на напади од европските десничарски екстремисти преку ширење лажни вести. Шефот на „Епл“ (Аппле), Тим Кук, на лично ги повика владите во светот да почнат јавна информативна кампања за борба против „злото на лажни вести“, кое, како што рече, значи убиството на човечките умови. Тој изјави дека зголемувањето на бројот на лажни вести е предизвикано од „бескрупулозните компании, утврдени за привлекување читатели на интернет по секоја цена“.

Епидемијата на лажни вести, истакна тој, е „голем проблем во голем дел од светот“ и бара функционална влада и компании. Кук повика на почетокот на кампањата и на други слични кампањи, кои ги сменија ставовите за животната средина, за, како што рече, да ја едуцира јавноста за заканата од фабрикувани приказни на интернет. Дополнителен факт кој преставува проблем според пишувањата на светските новински агенции се и финансиите на медиумите кои не се во можност да си дозволат во редакциите да поседуваат еден новинар кој ќе се бави само со една тематика, односно со демистификација на терминот и феноменот на лажни вести.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот