ФОТО: Архива СП

За транспарентност многу се говори, но колку таа се гледа

Секоја власт секаде во светот практикува да троши, но ретко која сака во детали да е транспарентна и отчетна како и на што ги троши народните пари но и дали информациите што ги поседуваат институциите, а што се од корист за граѓаните, се побројни и полесно достапни. Се разбира, исклучок од оваа констатација не е ниту Македонија.

Имено, последниот извештај на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) вели дека сепак Владата, министерствата и општините оваа година ја подобриле просечната активна транспарентност. За три проценти е зголемена отчетноста на владините институции и таа сега изнесува 76 отсто од максимални сто проценти. Според анализата на ЦГК најголема отчетност имаат министерствата и таа изнесува 86 отсто. Зад нив следат општините со 74 отсто.

Во извештајот на врвот од табелата за транспарентност и отчетност лидери се министерството за одбрана, финансии но и Владата. Некаде на средина од листата за отвореност кон граѓаните како институции се Правда, Бирото за јавни набавки и министерството за здравство додека сосема најниско речи си на дното од листата за транспарентност на институциите во давањето на информации е Министерство за политички системи на Артан Груби но и општината Арачиново.

Некои од експертите не се изненадени од евидентираниот последен извештај за транспарентност на институциите но прашуваат дали овие податоци се поклопуваат со размислувањата на граѓаните за отчетност на институциите.

Комуникологот и координатор на Програма за транспарентност и дигитализација на ИДУЕП, Бојан Кордалов вели дека за поздравување се сите информации кои се однесуваат за напредокот на работата на институциите независно дали тоа станува збор за нивната транспарентност или достапност за граѓаните.

Бојан Кордалов – комуниколог / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

– Независно кој е власт или во опозиција секој треба да биде задоволен кога има добри статистики и бројки кога станува збор за транспарентноста на институциите. Второ, никогаш не треба да бидеме задоволни од степенот на транспарентност, туку секогаш за тоа има место да се работи и напредува. И трета работа која можеби за мене е најважна е тоа дека не треба да има врзување за бројки и статистики кој е подобар или полош. Напротив треба да тргнеме од суштината а таа е што всушност мислат граѓаните за тоа. Ако ги прашате граѓаните многуверојатно ќе добиете одговор дека тие се незадоволни од работата на институциите. Многу е поважно да ги прашаме граѓаните како ги чувствуваат и како веруваат тие во овие податоци – вели Кордалов и појаснува дека истражувањата кои се прават за индексите за перцепција на среќа и за борбата против корупција кај граѓаните ја даваат честопати вистинската слика за состојбите во општеството.

Кордалов дополнува дека секои бројки се залудни и оние најдобрите ако расположението кај клиентите односно во овој случај граѓаните е спротивно од она што стои на хартија.

Од Центарот за управување со промени (ЦУП) организација која меѓудругото се занимава со надгледување на реформите во јавната администрација велат дека и нивни истражувања на оваа тема говорат дека има подобрување во однос на транспарентноста на македонските институции но таа е далеку од онаа која ја има во Европската Унија.

– Би рекла дека има значајно подобрување во последните неколку години кога станува збор за институционалната транспарентност меѓутоа бројот за доставени барања за слободен пристап до информации до институциите од страна на граѓаните е голем и тоа практично значи дека или сите податоци од јавен интерес не се објавени или до нив не може да се стигне. Согласно ЕУ стандардот граѓанинот треба на три клика да се стигне до бараната информација, што тоа не е случај со нашите институции и држава – вели во изјава за „Слободен печат“ Бранка Минчева – Коцевска, проектен координатор во ЦУП.

Минчева – Коцевска дополнува дека во повеќе истражувања кои ги подготвувал ЦУП најчести заклучоци се дека кај институциите недостасува финансиски отчет за функционерите, тешко се добиваат податоци за јавните набавки и вработувањата во јавната администрација како и тоа дека недостасуваат прецизни информации како се трошеле парите на граѓаните од ковид мерките за време на пандемијата.

Иаку државните институции, општините, јавните претпријатија и судството се соочуваат со бројни поплаки за непочитување на законските рокови за давање информации од јавен карактер. Минатогодишниот извештај на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап на информации од јавен карактер покажува дека сепак отсуствува транспарентноста на институциите.

Најголемиот дел од овие претставки, кои се над 60 отсто, се однесуваат токму на „молкот“ на институциите и не постапувањето по барањата за информации во законски предвидените рокови.

Досега повеќе релеватни независни организации транспарентноста на инстутициите и функционерите ја мерат според степенот на отвореноста на владините активности, процесите на донесување одлуки и колку се отворени и достапни информациите за јавноста. Тоа се клучни елементи кои придонесуваат владите да можат да воспостават средина на транспарентност што ја поттикнува довербата, овозможува учество на јавноста и ги зајакнува демократските процеси но и се едни од алатките за спречување на корупцијата во земјата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот