За создавањето и вреднувањето: „(Не)измислена приказна“ на Христо Петрески

1.

Првиот писател само пишувал, пишувал, пишувал и чувал сѐ што напишал. Вреден како мравка од него, но и за други како него, ама и од други за него.

Додека еден ден не заминал од каде никој не се вратил. Па, неговиот син со денови размислувал што да прави најпрвин со купиштата хартија со прав и пајажина – дали да ги симне во подрумот или веднаш да ги однесе во отпад како стара хартија.

А, кога одлучил да ги подарува книгите на соседите и познаниците сите се оправдувале дека немаат рафтови и слободен простор и ја барале и земале само книгата што, сѐ уште, била лектира. Додека пак, за ракописите немало ниту еден заинтересиран издавач.

2.

Вториот писател одлучил ништо веќе да не чува од тоа што пишувал и објавувал и сите да бидат пресреќни поради тоа, зашто постојат архиви и библиотеки.

А, одлуката ја донел тогаш кога видел како синот на неговиот сосед – писател мака мачи со книгите и ракописите на неговиот татко, поради товарот и срамот.

Да беа барем слики, па можеби и ќе ги врамеа и ставеа на ѕид, а не вака купишта пожолтени страници што не ги јадат ни глувците.

Поради прашината и молците веќе не гризат од старите стихови и раскази, а од романите бегат само што ќе ги видат и помислат дека треба да ги јадат.

Затоа, драги мои први, втори или трети писатели, а згора на тоа и писатели – сликари, внимавајте што ќе им оставите на синовите и на ќерките, а не, пак, и на внуците и правнуците, зашто нема штици и полици колку што има книги, како и ѕидови и шајки колку што има рамки и платна.

А, глувците и молците одамна се презаситени, или се веќе мртви од изедени книги, списанија, весници, па и слики.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 45, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 22-23 август 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!