Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

За постковид пациентите треба да се отворат посебни амбуланти

Половина од Пулмологија е пополнета со т.н. долг ковид пациенти, па од огромна помош ќе биде да се отворат амбуланти за нив, каде што ќе работат стручни лица од сите области и ќе им помагаат да ја нормализираат здравствената состојба, вели директорот на Клиниката за пулмологија д-р Дејан Докиќ.

Сè повеќе граѓани не можат глава да кренат од постковид компликации и од состојбата наречена долг ковид. Дури и половина година по добиениот негативен ПЦР-тест за присуство на коронавирусот во телото, многумина имаат здравствени проблеми. На удар се дишните патишта, психичкото здравје, но и осетот за мирис и вкус.

Директорот на Клиниката за пулмологија доктор Дејан Докиќ за „Слободен печат“ вели дека половина од капацитетот на оваа установа сега е пополнет со пациенти што имаат проблеми од т.н. долг ковид. Тој смета дека од огромна помош ќе биде да се отворат амбуланти за постковид пациенти, каде што ќе одат стручни лица од сите области и ќе им помагаат на овие пациенти да ја нормализираат нивната здравствена состојба.

– Последиците од долг ковид се најчесто врз белите дробови, со продолжено намалена сатурација, односно присуство на кислород во крвта. Тие пациенти ги третираме со кислородна терапија и се обидуваме да ја утврдиме причината за оваа состојба. Некогаш утврдуваме дека има неисчистено воспаление на белите дробови, па ги лекуваме со антибиотици и со кортикостероиди. Кога ќе стигнат до добра сатурација, ги испишуваме, најчесто по еден месец лекување, со препорака дома да си купат кислородни концентратори – вели д-р Докиќ.

„Метален вкус“ на секоја храна што ја консумираат

Клиниката за пулмологија, покрај тоа што ги третира пациентите со долг ковид, е задолжена и за дијагностика и лекување на сите пациенти со други пулмонални проблеми. Лекувањето на долг ковид и подолго од еден месец е проблем и го оптоварува системот на штета на другите редовни пациенти. Според д-р Докиќ, други пациенти како последица од долг ковид имаат тромбоемболија, а некои развиваат фиброза.

– Има пациенти со проблеми во гастроинтестиналниот тракт, бубрезите, срцето, психијатриски или проблеми со меморијата и когнитивните функции. Забораваат, присутен е општ замор што е долготраен. Ако некој спортувал, не може да се врати во нормала и повторно да спортува. Пациенти се жалат и на несоница, затоа во нашиот протокол за лекување имавме и мелатонин, природен хормон што помага за спиење. Се жалат и дека им опаѓа косата, го губат чувството за вкус и мирис. Познато е дека и по шест месеци кај некои пациенти не се враќаат овие сетила, описот е „метален вкус“ на секоја храна што ја консумираат – посочува д-р Докиќ.

Состојбата позната како долг ковид доведува и до тоа граѓаните да имаат болки во колковите, половината, зглобовите, градите, чешање по телото, општа слабост, немање сила, повисок крвен притисок, вртоглавици, трпнење на нозете, депресија…

Лекарите со кои разговараше „Слободен печат“ велат дека веројатноста да имате подолги симптоми не е поврзана со тоа колку силна била болеста при инфекцијата.

Антитромботична терапија и три до четири месеци потоа

Инфектологот од гостиварскиот ковид-центар доктор Ратко Наумовски за „Слободен печат“ вели дека т.н. де-димери кај повеќето пациенти што прележале ковид подолго време остануваат високи, и наместо вредноста која е вообичаена и изнесува 500, се искачуваат и до 1.500.

– Де-димерите варираат и затоа ги следиме пациентите уште три до четири месеци по испишувањето од болница. Поради ова, добар дел од нив добиваат антитромботична терапија. Оние што се примени во болница, не може да се очекува дека за 10 дена ќе се излекуваат. Нам ни е важно кога ќе се испишат да бидат субјективно добри, а потоа ја следиме сатурацијата, крвната слика, ЦРП, де-димерите и ординираме терапија за дома – вели д-р Наумовски.

Поради коронавирусот, во земјава и понатаму има голем број починати и заразени. За едно деноноќие завчера се регистрирани нови 1.554 случаи на ковид-позитивни од направени 4.153 ПЦР-тестови. Од нив, 216 граѓани се инфицирани по вторпат што потврдува дека сојот омикрон, кој е доминантен и кај нас, го избегнува вакциналниот и имунитетот од прележаност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот