
Вучиќ: Понудата за дебата со студентите останува сè додека не ја прифатат
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека неговата понуда за дебата со студентите, која претходно беше одбиена од некои факултети, е сè уште валидна и ќе „остане сè додека не ја прифатат“.
Препорачано
„Мојата понуда ќе остане сè додека не ја прифатат, бидејќи еден ден ќе мора да разговараат со некого“, изјави Вучиќ за „Еуроњуз Глобал“ во интервју што ќе се емитува на „Еуроњуз Србија“ во вторник, пренесува Нова.
Тој додаде дека во повеќе наврати им предложил на демонстрантите да седнат на маса и да разговараат на јавна дебата.
„Ова не беше мој прв повик. Всушност, тоа беше мој петти или шести повик за дијалог, за отворен разговор. Дури им понудив и отворена ТВ дебата. Тие можат да ја изберат темата, можат да го изберат студиото. И бев подготвен јавно да зборувам за тоа, бидејќи верувам дека нема алтернатива на разговорот, дијалогот“, рече Вучиќ.
Зборувајќи за насилството на протестите во текот на август, тој оцени дека секаков вид насилство што можеше да се види на улиците не е добро за Србија, но ги отфрли обвинувањата дека полицијата употребила прекумерна сила.
„Многу сум горд на однесувањето и ставовите на нашата полиција и нивното трпение и мислам дека е вистинско чудо што, со оглед на нивото на агресивност на демонстрантите, успеавме да ја одржиме ситуацијата девет месеци без жртви, без смртни случаи. И се надеваме дека ќе бидеме пример за демократско и мирно решавање на сите овие прашања“, рече Вучиќ.
Кога станува збор за несреќата на реконструираната железничка станица во Нови Сад, каде што 16 лица загинаа кога се сруши настрешница на 1 ноември 2024 година, и обвинувањата дека тоа е предизвикано од системска корупција, Вучиќ оценува дека корупцијата станала „главна тема и лесен начин да се изрази незадоволство, дури и кога тоа не е проблемот“.
„Нема сомнение, корупцијата е насекаде, во сите земји во светот. И тоа е најлесната тема што некој може да ја земе и да каже: „Добро, има корупција“. Но, да го оставиме тоа настрана – секако дека има многу корупција и мораме многу посилно да се бориме против неа. Јас сум исто така многу посветен на водењето на таа борба“, изјави претседателот на Србија.
Зборувајќи за барањето за избори, Вучиќ рече дека неговата претходна понуда за предвремени избори била одбиена најмалку три пати, но дека сега „има многу работа“ за државата и дека „не може да има избори и избори цело време“.
Вучиќ, исто така, ја отфрли можноста за промена на Уставот на Србија за повторно да може да се кандидира за претседател на Србија, по истекот на неговиот втор мандат во мај 2027 година.
„Ќе бидам претседател уште една година, година и пол, не повеќе од тоа. Ќе има нов претседател и ново раководство. Нема да менувам никаков устав за да се вклучам во такви игри“, рече Вучиќ.