
Вучевиќ им се закани на професорите во Србија дека нема да добијат плата: Нека ве издржува некоја странска агентура!
Премиерот и претседател на Српска напредна странка Милош Вучевиќ денеска изјави дека „од шарената револуција во Србија нема ништо“.
Препорачано
-Најлошо е што ги истераа децата од училиште, рече Вучевиќ и им се закани на професорите за платите.
-Денеска се чувствува мирисот на пролетта. Почнаа земјоделските активности, но и се чувствува мирисот на победата. Нема ништо од шарената револуција во Србија. Нема да ни се сруши државата, ќе ја сочуваме, бидејќи така сакаат граѓаните на Србија и мнозинството кое досега беше тивко, рече Вучевиќ на партиска трибина.
Според него „СНС мора да биде одговорна партија не само за своите членови и симпатизери, туку и за оние што прават врева, пиштат и вриштат“.
-Наредните денови ќе видите дека барат влада без избори. Ви велам владата ќе биде онаа на граѓаните на Србија што ги избрале народните пратеници. Нема да има преодна влада и одземање на изборната волја на граѓаните, истакна тој.
Според него „кога власта се одзема на улица, тоа е крај на државата и одземање на граѓанскиот суверенитет“.
-Најлошата работа е што децата се истерани од училиштата. Дочекавме младите луѓе да ги бркаат директорите од гимназиите. Тоа не е пример. Така не треба да се однесуваат деца. Кога јас бев ученик, од директорот се криевме на 100 метри. Денеска очекуваат да се воодушевуваме на деца кои ги понижуваат директорите, а родителите треба да знаат дека она што се прави во училиштата утре ќе се прави и дома. Децата не може да имаат поголеми права од професорите. Што се однесува до училиштата, професорите што не сакаат да работат, нема да добијат плата. Нека ги издржува некоја странска агентура или пропаднати политичари кои им велат да не работат. Државата нема да плаќа за неработење. Некој си игра за децата да ја изгубат школската година и да се упропастат, рече Вучевиќ.