Плакат за студентскиот фестивал „Хај-фај“

Второто издание на студентскиот фестивал „Хај-фај“ ќе се одржи викендов на ФДУ

Студентите од Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје од 30 мај до 1 јуни го организираат второто издание на студентскиот филмски фестивал „Хај-фај“. Станува збор за меѓународна филмска платформа направена од студенти за студенти. Истата служи како отскочна даска за промоција на студенти од филмските катедри при нивното прогресирање кон професионалци.

Програмата за второто издание ќе почне на Академска сцена со „Meet the new kids“, настан посветен на запознавање со новата генерација филмаџии од Факултетот за драмски уметности. Понатаму фестивалот ќе биде официјално отворен со настан кино на отворено – проекција на култниот филм „Хај-фај“ во режија на Владимир Блажевски на паркингот помеѓу ФДУ и Машински/Електро факултет.

Официјалната филмска програма е распределена за сабота и недела (31 мај и 1 јуни) на Академска сцена. Истата брои седум студентски кратки филмови, од кои два македонски и останатите на колеги од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина. По проекциите ќе следува разговор со авторите и македонскиот писател и филмски критичар Златко Ѓелески.

Годинава се доделуваат две награди – една од жири-комисија (Сашко Потер Мицевски, Радован Петровиќ и Сашо Кокаланов) и една од фестивалот на европски филм „Синедејс“ (селекција на победник кој ќе влезе во програмата на „Синедејс 2025“).

Во склоп на едукативната програма на „„Хај-фај“ закажани се две предавања – „Кастинг 101“ со актерките Наташа Петровиќ и Сара Климоска, каде студентите ќе имаат шанса да се запознаат со кастинг-процесот одблиску, како и предавање на тема „Раскажување приказни“ со режисерот Ѓорче Ставрески.

За крај, закажана е и музичка ОФФ-програма каде ќе настапи триото „Турбо XXX Клуб“ во петок и Александар Гроздановски – Herzel во сабота. Музичката програма ќе се случи во бифето на Факултетот за драмски уметности. Влезот за сите настани е слободен.

Студентскиот фестивал „Хај-фај“ е поддржан од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Факултетот за драмски уметности, Младинскиот културен центар – Скопје, Кинотеката на Македонија, Машинскиот факултет и ФЕИТ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот