
Врска без секс: Како да ја спасите врската во која страста замрела?
Постојат многу причини поради кои сексот во една врска може да се разреди, а на крајот и целосно да „исчезне“, па интимноста со партнерот станува незамислива. Да, го сакате со сето срце, но како да сте го „прераснале“ сексот, ако воопшто може така да се каже, пишува „Жена“.
Препорачано
Некогаш причините се физички – менопауза, циклус, хормонални промени. Другпат психички – стрес, исцрпеност од работа, депресија, премногу грижи што секојдневието ги носи.
Покрај овие очигледни фактори, постојат и скриени причини што можат полека да го загушат сексуалниот живот. Важно е да ги препознаете и да не дозволите да влијаат врз вашата врска. Затоа што вие не сте само цимери, туку љубовници и партнери, а сексот е еден од темелите на здрава и квалитетна љубовна врска.
Недостаток на близина
Во трката со обврските и проблемите лесно е да се изгуби интимната поврзаност. Брзиот ритам на живот знае да влезе и во спалната соба. Затоа, секој ден одвојте барем неколку минути само за вас двајца. Разговарајте, гледајте се во очи, правете нешто заедно. Таа поврзаност надвор од креветот ќе ја врати и интимноста во него.
Несигурност
Со текот на годините може да се појави несигурност околу сопствениот изглед или привлечност. Наместо да се повлечете во себе, споделете ги тие чувства со партнерот. Ранливоста често зближува, а вистинската личност до вас ќе ви даде сигурност и поддршка. Запомнете: секси енергијата не е само во изгледот, туку во самодовербата и ставот.
Заборавање на сопствените потреби
Многу луѓе, особено оние со нагласен „мајчински“ или грижлив инстинкт, ги ставаат туѓите потреби пред своите. Но, со занемарување на себе полека ја гасите сопствената сексуална желба. Научете да си угодувате, да одвоите време само за себе и да ја разгорите искрата што ја носите во себе.
Нерасчистени конфликти
Долгите врски носат многу убави моменти, но и наталожени замерки, лутинa и потиснати фрустрации. Тешко е да се опуштите во кревет покрај партнер кон кој потајно чувствувате гнев. Затоа е неопходно искрено да разговарате и малку по малку да расчистувате со „старата пртљага“. Не мора сè одеднаш – важно е да почнете и да ја почувствувате промената. Бидете подобри еден кон друг – уште денес.
Врската без секс не мора да значи крај. Со отвореност, внимание и малку труд, интимноста може повторно да се разбуди и да ја направи љубовта посилна од порано.