
Врховен суд ја прифати како законска тајната снимка со која аптекарот од Онкологија беше осуден за примање поткуп од починатата пациентка Минка Веизовска
Аптекарот од болничката аптека на Клиниката за онкологија Калтрин Уштеленца осуден дека побарал и примил 100 евра поткуп од сега починатата пациентка Минка Веизовска за да ѝ даде биолошка терапија „кејтруда“, барал од Врховниот суд вонредно да биде преиспитана правосилната пресуда со која е осуден на 2 години затвор кои веќе ги отслужува. Врховниот суд му го одбил барањето како неосновано.
Препорачано
Пациентката од Клиниката за онкологија Минка Веизовска, која имаше рак на белите дробови го пријави аптекарот од болничката аптека на Клиниката дека ѝ барал пари, за да му даде биолошка терапија „кејтруда“ која инаку ѝ следувала со специјалистички извештај беспари. Но, според нејзиниот исказ во судница, Уштеленца ѝ се заканувал дека ако не му ги дава парите тогаш терапијата нема да ја чува за неа, туку ќе ја дава на други пациенти кои имаат да платат и така таа му давала по 50 евра во повеќе наврати за да може да си ја подигне терапијата што потоа ѝ била аплицирана со инфузија во болнички услови.
Веизовска почина за време на траењето на судскиот процес, но Јавното обвинителство по службена должност продолжи со постапката против фармацевтскиот техничар што заврши со правосилна осудителна пресуда со која тој е осуден за примање поткуп и треба да одлежи две години затворска казна. Меѓу доказите со кои тој беше осуден, во судница беше изведена и тајна снимка што ја снимила самата Веизовска, скришно од својот мобилен телефон, а на која се слушаат гласови и се слуша дека некој бара пари за терапијата.
Веизовска 1 месец пред да почине, во судница рече дека иако имала лекарски извештај, била здравствено осигурана и терапијата требало да ја прима бесплатно, сепак за тоа морала да плаќа мито кај Уштеленца, вработен во аптеката на Клиниката за онкологија.
Според нејзиното сведочење, откако го известила тогашниот економски директор на болницата Нехат Нухи дека е уценувана за терапија, односно дека мора да дава пари за да ја има, тој ја охрабрил случајот да го води до крај и да пријави во МВР. Ситуацијата се вжешти во судницата кога Веизовска обелодени дека на мобилниот телефон има снимка наводно од договорот меѓу неа и обвинетиот со која сакаше да докаже дека навистина плаќала мито.
Токму оваа снимка е основот според кој осудениот Калтрин Уштеленца до Врховниот суд поднел барање за преиспитување на законитоста на осудителната пресуда. Тој спорел дека оваа снимка е незаконска, односно дека Минка Веизовска неовластено ја снимила и дека не може да биде осуден врз основа на тој доказ како што се случи. Врховниот суд го одбил неговото барање пред 1 месец. Со тоа се потврдија како законити пресудите од основниот суд и од Апелација, со кои аптекарот од болничката аптека на Клиниката за онкологија, доби и забрана 5 години да ја врши професијата или дејноста фармацевтски техничар, а снимката се покажа дека била законит доказ.

Како што произлегува од пресудата на Врховниот суд, Уштеленца ја спорел тајната снимка што ја сними сега починатата пациентка Минка Веизовска, но и дека му било нарушено правото на одбрана.
Во барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда се истакнува сторена повреда од член 415 став 1 точка 8 од Законот за кривична постапка што во смисла на тоа дека доказите на кои се заснова пресудата и тоа фотодокументацијата и цедето изготвено од МВР се докази кои од страна на Обвинителството биле доставени во дополнение на доказната постапка иако им биле познати уште во фаза на истражна постапка како и тоа дека овие докази биле набавени на незаконит начин.
Се наведува и дека осудителната пресуда за аптекарот се заснова на „исказ на оштетената кој е контрадикторен и пристрасен и на исказот на полицискиот службеник Љупче Тодоровски кој учествувал во истрагата, а дека судот не поклонил верба на другите докази изведени во текот на постапката и тоа искази на неутрални сведоци, од кои не произлегувала утврдената фактичка состојба“.
Но, Врховниот суд овие наводи ги оценил како неосновани и не прифатил дека доказите биле ненавремено доставени од обвинителот ниту пак дека биле незаконски.
Во текот на истрагата снимката не му била позната на обвинителот туку за постоење на истата Обвинителството дознало од исказот на оштетената даден во судница. На прашањето на бранителот дали за тоа што го зборува таа има материјален доказ, односно некоја снимка, истата одговорила дека има видео од кое се гледа дека обвинетиот ѝ барал 100 евра и порака каде што вели дека тој ѝ се заканува, што значи дека се појавила нова околност во однос на која биле предложени, доставени и изведени овие докази. Исто така, не се работи за докази прибавени на незаконит начин, заклучи Врховниот суд на Македонија.
Според Врховниот суд исто така неосновани се наводите дека се работело за незаконито прибавени фотодокументи и ЦД од видеоснимката, зашто овие докази биле изготвени и доставени од страна на МВР (криминалистичка техника) врз основа на посебна наредба издадена од Јавното обвинителство.
Оттука по наоѓање на овој суд пресудата не се заснова врз докази врз кои според одредбите од законот не може да се заснова пресудата, а сите докази во текот на постапката биле изведени и ценети на законит начин, пишува во одлуката од Врховниот суд.
Веизовска еден месец пред да почине, во судница рече дека иако имала лекарски извештај и била здравствено осигурана и терапијата требало да ја прима бесплатно, сепак за тоа морала да плаќа мито.
-Ми рече дека треба да ја плаќам кај него лично, за да ми ја крие. Потоа си теравме ние подолго време така. Јас го прашав, дали некогаш ќе има регуларно терапија без да ја плаќаме, а тој ми одговори дека никогаш нема да има без пари. Имаше и професор доктор, чија сопруга имаше карцином. Аптекарот ме убедуваше дека и професорот морал да плаќа за да има терапија за неговата жена. Со оглед на тоа што имам тешка болест, јас друг избор немав. Кога го прашав колку пари треба, рече од 50 до 100 евра. Ама никому од сестрите да не кажувам, да немам контакт со другите вработени. Ако разберел дека имам контакт со други, немало да има терапија за мене, сведочеше Веизовска.
Уштеленца пак, се изјаснуваше за невин во текот на целата постапка, а неговата одбрана тврдеше дека парите не ги ни допрел со раката, туку му биле ставени во дуксерот.
Тоа во суд го демантираше дипломираниот криминалист и полициски службеник Љупче Тодоровски, кој бил на местото на примањето на поткупот во близина на Клиниката за онкологија. Тој во судница сведочеше дека тој и уште шестмина полицајци биле распоредени околу аптекарот и пациентката и виделе оти тој со десната рака ја зел банкнотата од сто евра од Веизовска и ја ставил во дуксерот, по што продолжил да појадува.
– Со уште шестмина полициски службеници бевме присутни на местото на извршувањето на кривичното дело и имавме прилика лично да воочиме дали му е ставена банкнотата или тој ја прима во својата рака и ја става во дуксерот. Потврдувам дека банкнотата му беше дадена во десната рака и ја стави во дуксерот, па продолжи да јаде од бурекот. Тогаш е лишен од слобода од наша страна, изјави инспекторот од МВР Тодоровски.
Случајот со примањето поткуп од Минка Веизовска се водеше засебно и неповрзано со големата истрага за финансиски малверзации и несовесно лекување болни која ја водеше Јавното обвинителство за петмина сега обвинети меѓу кои двајца поранешни директори и тројца доктори специјалисти. Освен за Уштеленца, се водеше уште еден засебен предмет. Тој беше за изнесување вијали од Клиниката за што беше осудена Амела Османовиќ, медицинска сестра која избега во Германија и беше осудена во отсуство.
Сестрата што изнесуваше цитостатици од Онкологија доби 2 години затвор