
ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО: Убиецот од „Бардовци“ слободно шетал, снимал насилство, седел по кафеани
Напаѓачот со иницијали Д.С. кој вчера убил друг пациент во психијатриската болница „Бардовци“, пред 13 години ја убил сопствената мајка, а во болницата бил познат како проблематичен и насилен, пишува „Скопје1“. Неофицијално, вчерашното убиство тој го извршил поради кавга за болнички кревет.
Препорачано
Пред бруталниот и смртоносен напад со стаклено шише врз 62-годишниот пациент, Спасов подолго време можел да се забележи низ Ѓорче Петров, што укажува на тоа дека слободно и без надзор ја напуштал установата. Иако бил чуван од полиција, таа била повлечена од правосудните органи, па тој слободно излегувал и се враќал во болницата, пишува порталот. По улиците тој бил виден и во друштво на еден пациент кој лежел во Бардовци“, кој наводно исто така убил член на своето семејство.
За насилното однесување на убиецот од „Бардовци“ сведочат и снимките кои тој самиот ги споделувал на социјалните мрежи. Во една од нив, тој повикува некого на физичка пресметка, за да му покажел, како што вели, „како мава боксови“.
Во едно вознемирувачко видео, убиецот на својот цимер му дава насоки да претепа друг пациент во болницата: „Не го тепај, отепај го, по слабина, по ребра, рокни го во глава…“
На снимките и на фотографиите кои ги објавил тој, се гледа дека во болницата тој и неговиот цимер слободно пиеле алкохол. На дел од фотографиите се гледа како седи во кафеана. „Скопје1“ пишува дека имало бројни поплаки од него и неговото однесување. Вработени се жалеле дека добивале закани по нивниот живот, но и по нивните семејства, дека ќе им наштети доколку не му ги исполнат желбите.
Д.С. во болницата „Бардовци“ бил сместен уште во 2012 година, со одлука на Велешкиот суд, откако психијатри од Клиничкиот центар во Скопје го прогласиле за непресметлив. Според вештаците, во моментот на убиството на неговата мајка, кое го извршил на 23-годишна возраст, убиецот бил во параноична халуцинирачка состојба.
По убиството на пациентот вчера, напаѓачот и натаму е во болницата, затворен во собата каде го изврши злосторството. Телото на убиениот е предадено на обдукција.
Осуденик од Психијатриската болница „Бардовци“ починал откако бил прободен со стаклено шише