
Возбудливи анимирани филмови за сите генерации носи традиционалното „Кино утро“ во Кинотеката
Кинотеката на Македонија ќе ја почне 2025 година со богата и разновидна програма со содржини за сите генерации, од најмладите до најстраствените филмофили, преку тематски и ексклузивни проекции, а традиционално почетокот на годината е резервиран за „Кино утро“.
Препорачано
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ на режисерот Гоце Цветановски на 9 јануари, во 11 часот, ќе ја отвори програмата „Кино утро“ во Кинотеката на Македонија. Филмот забележа голем успех во текот на 2024 година. По светската премиера на „Ситџес фантастик филм фестивал“ во Шпанија и македонската премиера на фестивалот „Киненова“, филмот беше прикажуван на репертоарот на кината во Скопје, а беше прифатен од сите генерации љубители на филмската уметност.
Приказната во филмот се плете околу Јон, потпросечно интелигентен човек од Земјата. Зарк е нарцисоиден мегаломан – робот кој патува низ вселената и собира примероци за својата интергалактичка Зоолошка градина. Кога двајцата ќе се спојат, ќе настане хаос. Двајцата ќе ги здружат силите за да спречат најопасното оружје во Галаксијата да падне во погрешни раце. Необичното дуо ќе тргне на вселенско патување исполнето со вонземјани, чудовишта, црни дупки и можен крај на севкупната егзистенција.
Подготовката на филмот траеше десетина години. Автор на сценариото и режисер на филмот е Гоце Цветановски, додека во реализацијата беа вклучени стотина соработници. Арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, Браќа Калинови и Ладо Скорин. Гласовите на анимираните ликови ги позајмуваат повеќе актери и актерки, меѓу кои се Атанас Атанасовски, Дамјан Цветановски, Елена Тарчуговска, Емилија Мицевска, Жарко Димоски, Мартин Ѓоргоски, Слаѓана Вујошевиќ, Тони Денковски, Филип Трајковиќ.

Во рамки на „Кино утро“ на 9 јануари планирани се уште две проекции. Во терминот од 14 часот на програмата е американскиот игран филм „Мечето Падингтон во џунглата“ на режисерот Даглас Вилсон. По сценарио на Марк Бартон, Џон Фостер и Џејмс Ламонт во филмот играат Хју Бонвил, Џим Броадбент, Емили Мортимер, Имелда Стаунтон, Оливија Колман, Антонио Бандерас, Бен Висшоу, Џули Валтерс, Семјуел Џослин, Мадлен Харис, Карла Тус.
Кога Падингтон дознава дека неговата сакана тетка Луси исчезнала од Домот за пензионирани мечки, тој и Браунови одат во дивините на Перу да ја бараат, со единствена трага за неа во една точка обележана на една загадочна карта. Решен да ја реши мистеријата, Падингтон се впушта во возбудлива потрага низ прашумите на Амазон за да ја најде тетка си… и може да открие и едно од најлегендарните богатства на светот.

Во терминот од 18 часот ќе биде прикажан играниот филм „Планета 7693“ во режија на Гојко Беркуљан. Станува збор за филмска копродукција помеѓу Црна Гора, Србија и Македонија. Филмот е снимен по сценарио на Ана Вујадиновиќ, а во главните улоги играат Илија Пејаковиќ, Андрија Кузмановиќ, Кристина Обрадовиќ, Мара Ракчевиќ, Хана Иванишевиќ, Дејан Ѓоновиќ.
Младиот Лука (9) живее со родителите и поголемата сестра во живописно соседство во предградието. По еден настан во неговото навидум хармонично семејство, недоразбирањата насобрани низ годините излегуваат на површина и предизвикуваат низа конфликти. Ткивото на семејството се кине. Лука бара начин како да ги поправи нарушените односи, повлекувајќи се во светот на „супер моќите“ и фантазијата, каде го запознава мистериозното девојче по име „7693“.
Во циклусот „Кино утро“, што ќе трае од 9 до 16 јануари, во Кинотеката ќе бидат прикажани и анимираните играни филмови „Божиќната магија на животните“, „Кариран нинџа 2“, „Дедо Мраз супер херој“ и „Соништата на еден робот“.