Газа / Фото EPA-EFE/ABIR SULTAN

Воен аналитичар: Израел има две до четири недели, по што САД ќе замешаат прсти, па ќе дојде до политичко решение и крај на војната

Роберт Бариќ, воен аналитичар и предавач на Факултетот за политички науки во Загреб, ја анализираше актуелната војна меѓу Израел и Хамас и рече дека ќе следат недели кога ќе треба да се постигне политичко решение и прекин на воените операции.

Израелската армија континуирано ја бомбардира Газа од 7 октомври, кога Хамас уби најмалку 1.400 луѓе во своите напади врз пограничните области. Министерството за здравство во енклавата управувана од Хамас соопшти дека повеќе од 10.300 луѓе досега загинале во Газа.

Обединетите нации проценуваат дека до крајот на 2023 година за помош на населението на Газа и на Западниот Брег ќе бидат потребни околу 1,2 милијарди долари. Хрватскиот аналитичар Роберт Бариќ за хрватските медиуми ја коментираше актуелната ситуација на Блискиот Исток.

„Засега Вашингтон сè уште ја поддржува акцијата на Израел, но целта е всушност ограничена. Израел не може да го уништи Хамас, колку и да зборува за тоа, но нивната цел е да елиминираат или да предизвикаат што е можно поголема штета на воената инфраструктура и владината структура на Хамас во северниот дел на Газа, каде што е градот Газа и најголемата концентрација, со што ќе се создадат услови да се избрише Хамас како фактор за кој ќе се разговара кога ќе се зборува за решавање на статусот на Газа по овој конфликт“, објасни Бариќ.

Тој рече дека Хамас е свесен за израелската надмоќ и дека нивниот единствен начин да водат војна е блиска борба и нанесување што е можно поголема штета на Израелците.

„ Почнува фазата на чистење, која ќе важи само за северот на Газа. Израел има две до четири недели, по што САД најверојатно ќе сигнализираат да запрат и да преговараат. Ќе се обидат да втурнат што поголем дел од населението кон јужниот дел, а бројот на цивилните жртви ќе биде уште поголем. Се прашувам дали раководството на Хамас беше свесно во што влегува“, изјави Бариќ.

Воениот аналитичар истакна дека се сомнева како Израел ќе продолжи на југ бидејќи ја губи поддршката од јавното мислење и ќе мора да престане. Бариќ напомена дека следуваат недели кога ќе треба да се дојде до политичко решение и крај на воената операција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот