Во Тулуз отворени две изложби на уметник од Скопје: Уметноста на Октај Кочан ги спојува идентитетот, традицијата и технологијата

Потекнувам од Македонија, но пораснав во Турција, во дом каде што турскиот, босанскиот и македонскиот јазик беа секојдневие. Тоа мултикултурно опкружување ми даде чувство на идентитет што никогаш не беше ограничен на една приказна и таа комплексност се одразува во мојот визуелен јазик. Работев во научни области и истовремено се развивав како уметник. Во моето творештво го истражувам контрастот помеѓу рационалните структури и интуитивниот израз, вели Кочан.

Октај Кочан, роден во Скопје, израснат во Истанбул, кој сега живее и работи во Тулуз, летово го привлече вниманието на француската уметничка сцена преку две паралелни самостојни изложби. Едната, организирана од страна на ателје‑галеријата La Palette des Possibles, ќе трае до 22 септември, а избор од неговите дела се изложени и во галеријата Place de l’Art. И двете се отворени во Тулуз, градот на југот на колепката на уметноста, Франција.

Во центарот на творечкиот израз на овој млад уметник е визуелен јазик што ги поврзува дигиталното и традиционалното, и преку кој ги истражува темите идентитет, технологија и културно наследство. Кочан потекнува од две генерации уметници и патот до тоа да стане уметник не бил случаен. „Цртањето и сликањето ми беа вообичаена пракса уште како дете. Меѓутоа, студирав инженерство и со години го балансирав тоа со уметноста“, вели тој. По професија инженер и со докторат од аеронаутика, тој решава да ѝ се посвети на уметноста, но без да ги игнорира влијанијата од инженерството. „Инженерството ме научи да размислувам структурирано и аналитички. Тој ментален пристап го обликува секој мој проект“.ж

Анадолка – Рогот на овенот (проект „Хуманоиди“), Октај Кочан, 2025.

Голем дел од неговата уметност се движи помеѓу сликарството и дигиталните медиуми, зависно од идејата. „Некои концепти бараат класични техники како масло или акрилна боја. Други, пак, се подобро искажани преку дигитална обработка, анимација или вештачка интелигенција. Оставам идејата да го води медиумот.“

Овој флексибилен, идејно воден пристап доаѓа до израз во двата од неговите тековни проекти. Првиот, наречен Social://Skin (Социјална кожа), ја истражува повеќеслојната природа на идентитетот во постдигиталната ера. „Тоа е продолжување на моето истражување на мета-идентитетот, односно спојот на офлајн идентитетот, онлајн перформансот, алгоритамското влијание и социјалниот фидбек“, објаснува. Работејќи со фотографија, дигитално сликање и со вештачка интелигенција, Кочан соработува со учесници за визуелизирање на нивното онлајн „јас“, односно т.н. „социјална кожа“, визуелен израз на начинот на кој се конструираме дигитално.

Плакат на самостојната изложба на Октај Кочан.

Паралелно, го развива проектот Humanoids (Хуманоиди), сликарска серија што ја проучува еволуцијата на наследениот идентитет во дигитализираниот свет. „Комбинирам турски етнички мотиви од моето потекло со елементи од роботиката, вештачката интелигенција и дигитално генерираната естетика. Создавам визуелен дијалог меѓу минатото и иднината, меморијата и технолошки забрзаниот развој.“

Мултикултурното потекло на Кочан – роден во Македонија и израснат во Турција, во дом каде што, турскиот, босанскиот и македонскиот јазик се испреплетувале, му дал слоевита перцепција за идентитетот. „Никогаш фиксен, секогаш се менува,“ вели тој.

Анадолка – Метаморфоза (проект „Хуманоиди“), Октај Кочан, 2025.

Работи со повеќе техники: масло, акрилна боја, дигитална техника, фотографија и видео. Понекогаш ги користи одделно, а понекогаш во комбинација. „Го гледам стилот како привремено засолниште. Не сакам фиксна форма. Го градaм визуелниот јазик според идејата што сакам да ја искажам“, истакнува тој.

Пленување, дигитална уметност (проект „Социјална кожа“), Октај Кочан, 2025.

Еве што вели за неговото минато, за тоа како станал уметник:

– Почнав да цртам и да сликам уште како дете. Се сеќавам колку радост чувствував кога со часови цртав од имагинација или кога ги пресоздавав работите што ги гледав. На училиште другарите често бараа од мене да цртам „покемони“ или карикатури на нашите другари. Да споменам дека потекнувам од две генерации уметници: мојот дедо Абдуш Хусеин, првоборец во НОБ, сликар, режисер и актер, отсекогаш бил благородна фигура за мене; мајка ми е сликарка, а татко ми е историчар на уметност, што ми беше додатен извор на инспирација. Бидејќи растев опкружен со уметност и разговори за естетика, уметноста беше мојот втор јазик. Меѓу личностите кои го обликувале мојот поглед на свет, би ги спомнал Ниче, Карл Јунг и Ататурк, бидејќи секој од нив нуди моќна визија за себството, за општеството и за трансформацијата. Ме привлекуваат уметници кои имаат уникатна визија и кои ја менуваат нашата перцепција за тоа што може да претставува уметност. Меѓу тие што влијаеле врз мене се Банкси, Ворхол, Рене Магрит, Кандински, Ахмет Ѓунештекин и Рефик Анадол. Студирав инженерство, што е многу поинаков пат и со години ги балансирав двете дисциплини. Конечно, донесов одлука целосно да ѝ се посветам на уметноста. Таа промена беше драматична и трансформативна. Тоа беше враќање на суштинското. Сепак, денес можам да кажам дека не сум ја затворил целосно вратата на инженерството. Начинот на размислување што таму го научив (структурен, аналитички и системски) се уште влијае на тоа како пристапувам кон моите проекти. Ова го гледам како ресурс што може да се развива заедно со мојата уметност или, пак, повторно да стан (се отвара во ново јазиче дел од неа во иднина.

Противречност, дигитална уметност (проект „Социјална кожа“), Октај Кочан, 2025

Вашето творештво доаѓа до израз и преку вообичаената традиционална ликовна уметност и преку дигиталната уметност.

– За мене, изборот на медиумот секогаш е поврзан со концептот. Некои идеи бараат употреба на масло или акрилна боја, други подобро се изразуваат преку вештачка интелигенција, дигитална манипулација или преку движење. Затоа дозволувам концептот да го води медиумот. Творењето помеѓу традиционални и дигитални форми ми овозможува да го изразам набојот што го чувствувам во светот околу нас. Постојано постои преговарање помеѓу органското и синтетичкото, историското и футуристичкото, човечкото и алгоритамското. Често токму таа точка е местото каде што почнува мојата работа.

Идентитетот и културното наследство изгледаат како централни во вашето творештво. Како тие се манифестираат во новите проекти?

– Во моментот развивам два проекти што ја одразуваат мојата континуирана истражувачка работа околу идентитетот во дигиталната ера. Првиот е Social://Skin (Социјална кожа), кој ги продолжува моите претходни истражувања за мета-идентитетот: слоевитото „јас“ кое се формира преку спојување на офлајн искуства, онлајн персони и алгоритамски влијанија. Во овој проект соработувам со учесници за да создадам портрети што откриваат повеќе од само површинскиот изглед. Со користење фотографија, вештачка интелигенција и дигитално сликарство, визуелизирам како тие се претставуваат и се прилагодуваат во рамките на дигиталните системи. Резултатот е она што јас го нарекувам „социјална кожа“ – слој кој е обликуван од социјални платформи, од фидбек и видливост на социјалните мрежи. Вториот проект е насловен Humanoids (Хуманоиди), серија што ја истражува трансформацијата на традицијата и културното наследство преку технологија и дигитализација. Во оваа работа комбинирам турски етнички мотиви од моето потекло со елементи преземени од роботиката, вештачката интелигенција и од дигитално генерираната естетика. Оваа фузија создава визуелен дијалог помеѓу минатото и иднината, помеѓу вкоренетата меморија и технолошкото забрзување. Заедно, двата проекти поставуваат едно заедничко прашање: што значи да имаш идентитет во свет што постојано го преработува?

Мајка и дете, Октај Кочан, 2021.

Кога сме кај идентитетот, каква улога игра вашата лична или културна сторија во обликувањето на вашиот уметнички јазик?

– Моите лични и културни приказни се слоевити и понекогаш се преклопуваат и тие се централни за начинот на кој работам. Потекнувам од Македонија, но пораснав во Турција, во дом каде што турскиот, босанскиот и македонскиот јазик беа дел од секојдневната атмосфера. Тоа мултикултурно опкружување ми даде чувство на идентитет што никогаш не беше ограничен на една единствена приказна и таа комплексност природно се одразува во мојот визуелен јазик. Од друга страна, студирав инженерство и работев во научни области, додека истовремено се развивав како уметник. Тој контраст, помеѓу рационалните структури и интуитивниот израз, е нешто што свесно го истражувам во моето творештво. Во проектот Humanoids, моето културно потекло игра поконкретна улога. Комбинирам етнички мотиви од моите корени со футуристичка, дигитално генерирана естетика за да ја изразам тензијата помеѓу културното наследството и технолошката неизбежност. Повеќето од моите дела се критички и понекогаш контрадикторни, не зборувам секогаш за себе, но секогаш го филтрирам светот низ комплексноста на моето сопствено искуство.

Октај Кочан на Саемот на современа уметност – Art3f 2022, Тулуз

Во ерата на хипервидливост и постојано дигитално присуство, како ја гледате промената на улогата на уметникот, особено во Франција и во Европа?

– Верувам дека улогата на уметникот е сè уште иста: да ги крши нормите и да нуди нови перспективи или искуства. Она што се смени е опкружувањето. Социјалните мрежи натераа многу уметници да следат трендови наместо иновации. Постои сè поголема забуна помеѓу тоа што функционира на социјалните платформи и што претставува уметнички успех. Луѓето најчесто бараат онлајн забава, а алгоритмите го наградуваат тоа. Како резултат, некои уметници добиваат огромна видливост, но остануваат исклучени од традиционалниот уметнички свет. Овие две сфери често изгледаат како одвоени. Вистинскиот предизвик денес е да се најде рамнотежа и да се остане верен на својот уметнички глас додека се движиш низ двата система.

Вреднување, дигитална уметност (проект „Социјална кожа“), Октај Кочан, 2025.

Дали гледате на вашето творење како на политичко, како некаква форма на општествен коментар?

– Не би ја опишал мојата работа како отворено политичка, но таа дефинитивно е критичка. Ме привлекуваат контрадикциите во системите во кои живееме: начинот на кој дигиталните платформи ја обликуваат нашата самослика, прикриените притисоци за совршенство, опсесијата со видливоста, успехот и со контролата. Наместо да укажуваат на конкретни настани или институции, моите дела поставуваат прашања. Моето творештво функционира како некаква форма на социјален коментар, но го прави тоа преку емоција, метафора и естетика. Моја намера е да создадам простор за размислување, а не за конфронтација.

Како би го дефинирале успешниот уметник денес, дали таа дефиниција се смени за вас со текот на времето?

– Успехот како уметник често се дефинира во комерцијални термини и тоа е широко прифатено низ целиот свет. Признание, продажба, видливост, сето тоа е важно, особено ако сакате да изградите кариера. Но, за мене вистинскиот успех е нешто повеќе внатрешно. На крајот, станува збор за тоа да можете да се погледнете во огледало и целосно да го прифатите тоа што сте и што сте го создале. Станува збор за гордост во промената што сте ја создале во себе и можеби во другите. Тоа е видот на успех што останува со вас, без оглед на контекстот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот