Насловна корица на книгата на Трајче Кацаров

Во својата најнова книга Трајче Кацаров истакнува дека вистината е страна која самиот ја избираш

Деновиве од печат излезе книгата „Немој да кажеш, навистина немој да кажеш“ од Трајче Кацаров, а осврт кон неговото книжевно творештво напиша Блаже Миневски.

– Прозата е уметност на уверливоста, а Трајче Кацаров пишува уверлива проза. Кога уметноста е уверлива, вистината е избор. Тој е автор на свет што самиот го избира врз основа на тоа дека „храброста што произлегува од стравот е вистинска храброст, сѐ друго е лудост“.

Во антологискиот кус расказ, кратка прозна форма или песна во проза за пчелката свртена на грб, ќе прочитаме дека никој не може однапред да нѐ предупреди дека има нешта што го делат светот на два дела – на туѓ и свој, и дека двата света имаат улога на кафез. Во ѕидот што ги дели двата света ќе удираме не еднаш, не двапати, туку додека од умор не паднеме на грб. Како пчелката во расказот. Токму врз вакви метафори е изградена „Продажба на надежта“, духовита, одживеана, небесна книга обвиена со нежна, копринеста, како крилца на пеперутка, завеса од спомени.

Во секоја прозна минијатура, во секоја ритмичка целина од зборови, искричаво се судираат видливото и невидливото, физичкото со духовното, а во исто време и се преплетуваат, како што се преплетуваат стварното и сонуваното, конкретното и апстрактното. Претпоставувам дека тоа е резултат на животното искуство, спомените од детството, преживеаната и проживеана реалност и, се разбира, авторовата творечка имагинација.

Таквиот третман на материјалот овозможува креирање на сублимирани, складни наративни сцени, ослободени од секаков вишок, кои градат автентични прозни структури и кохерентни поетички светови. Притоа јазикот на нарацијата е „буден јазик“, јазик на штрек, кој не само што стражари туку и војува, градејќи структури кои зборуваат за стварноста и за соништата истовремено, а често и бришејќи ги границите меѓу сонот и јавето.

На крајот, како што вели авторот, вистината е страна која самиот ја избираш, а вистината на прозата е во уверливоста на раскажаното. Во оваа проза на Кацаров сѐ е вистина, затоа што сѐ е уверливо, а читателот е само сведок на она што се случува во негово присуство – истакнува писателот Блаже Миневски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 262, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29.12.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот