
Во свечената изјава на Сиљановска пишуваше Република Северна Македонија
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вчера изговарајќи ја свечената изјава при нејзината инаугурација во Собранието не го изговори уставното име на државата Република Северна Македонија, туку рече само Македонија, по што се отворија дилеми што точно пишуваше во заклетвата која ѝ ја прочита спикерот Јован Митрески.
Препорачано
Од Собранието информираат дека свечената изјава е потпишана онака како што ја прочита претседателот на Собранието, Јован Митрески.
– Содржината на изјавата е во согласност со Уставот на Република Северна Македонија и е во согласност со Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Северна Македонија, член 2 став 4 според кој, од денот на влегување во сила на Амандманот XXXIII употребата на придавката во однос на државата, државните органи и јавни институции и во однос на други употреби согласно Конечната спогодба е во согласност со името на државата или со нејзиното скратено име и гласи „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“ – информираат од Собранието.
Универзитетската професорка Тања Каракамишева синоќа објави дека „член 123 од важечкиот Изборен законик го содржи текстот на свечената изјава што претседателката на Македонија, проф. Д-р Гордана Сиљановска Давкова требаше да го каже во својата заклетва и го кажа“. Во овој член од законот е наведена заклетвата што ја изговара претседаѕелот при неговара инаугурација и во нејзиниот текст името на државата е Република Македонија, односно овој член од ИЗ не е усогласен со Преспанскиот договор со кој се смени државното име.