
Европскиот парламент неделава ќе дебатира за извештајот за Македонија на Томас Вајц
Oд денеска до четврток во Стразбур се одржува заседание на Европскиот парламент, на чиј дневен ред покрај Данското претседавање со Советот на ЕУ, трговските преговори меѓу Унијата и САД и гласањето недоверба на Европската комисија, е и Извештајот на европратеникот Томас Вајц за Македонија.
Препорачано
Дебатата за извештајот на Вајц е закажана за утре во доцните попладневни часови, а гласањето на европратениците по документот е предвидено за в среда.
Покрај за извештајот за земјава, европратениците утре попладне ќе расправаат и за извештаите за Албанија, Босна и Херцеговина и Грузија, по кои исто така ќе се гласа в среда.
Заседанието на ЕП ќе започне попладнево со церемонија за одбележување на 30-годишнината од геноцидот во Сребреница, по што ќе следи дебата за предлогот на романскиот европратеник Георге Пипереа за изгласување на недоверба на Европската комисија на Урсула фон дер Лајен. По предлог-иницијативата на Пипереа европратениците ќе се изјаснат в четврток. За да биде усвоена, иницијативата треба да биде поддржана од најмалку две третини од европратениците што ќе учествуваат во гласањето, при што нивниот број треба да е поголем од половина од вкупниот број членови на ЕП.
По расправата по иницијативата на Пипереа, европратениците ќе го разгледаат Годишниот извештај за работата на Европската инвестициска банка (ЕИБ) за 2024 година и ќе дебатираат за безбедноста на производите што се увезуваат во ЕУ преку сајтовите за е-трговијата и за Акцискиот план на Унијата за деинституционализација и семејна и општествена грижа.
Утре заседанието ќе започне со дебата за односите меѓу Европската Унија и Кина, во чии рамки ќе се расправа за претстојниот Самит ЕУ-Кина и за можностите за справување со кинеските ограничувања за извозот на ретки суровини. Од оваа дебата треба да произлезе резолуцијата по која европратениците ќе треба да гласаат в четврток.
Во продолжение на утрешното заседание данската премиерка Мете Фредериксен пред европратениците ќе ги презентира приоритетите на Данското претседателство со Советот на ЕУ во втората половина од годинава.