Уставните измени поминаа на Влада
Устав на РС Македонија / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Во Собрание почнува комисиската расправа за уставните измени

Со единствена точка на дневниот ред денеска во Собрание ќе почне комисиската расправа за уставни прашања. На дневниот ред е Предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Република Северна Македонија. По усвојувањето на дневниот ред, се очекува предлогот во 30 минути да го образложи премиерот Димитар Ковачевски, по него да зборуваат пријавените членови и заменици на ова законодавно тело, а потоа право за збор ќе имаат и други пратеници

Минатиот вторник Владата го достави предлогот за уставни измени до Собранието. Интервенциите во Уставот, како што посочија од Владата, се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата. Во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ. Согласно ова, направена е измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците за запазување на париретот на претставниците во Парламентот на сите вака утврдени заедници во Преамбулата на Уставот.

Најавите се дека на Комисијата за уставни прашања пријавени за збор ќе има од сите пратенички групи кои ќе ги образложат своите ставови, како и дека на Комисијата ќе учествуваат и пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ која е против уставни измени.

Претседател на Комисијата за уставни прашања е по функција претседателот на Собранието Талат Џафери, негов заменик е Арта Биљали-Зендели, членови на Комисијата се Даниела Стојановска Пановска, Ненад Коциќ, Мартин Костовски, Емилија Рамбабова, Илија Николовски, Даниела Маркоска, Марија Ангелова, Антонијо Милошоски, Јован Јаулески, Лидија Петкоска, Гордана Сиљановска Давкова, Дафина Стојаноска, Иван Стоилковиќ, Фиснике Бектеши Шаќири, Ремзи Мехмеди, Ане Лашкоска, а шеснаесет други пратеници се заменици – членови на Комисијата.

Членот 196, став 2 од Деловникот за работа на Собранието предвидува претресот по предлогот за пристапување кон измена на Уставот во Комисијата за уставни прашања да трае најмногу десет работни дена. Член на Комисијата за уставни прашања и пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.

Според соопштението од Собранието, со оглед на тоа што 2 Август е неработен ден, а за 27 јули веќе е закажана седницата за пратенички прашања, се очекува работата на Комисијата за уставни прашања да заврши меѓу 7 и 9 август.

Владејачката коалиција составена од СДСМ, ДУИ, ЛДП, ДОМ, Алијанса за Албанците и други помали партии ќе ја поддржат иницијативата за уставни измени. Според преговарачката рамка, Северна Македонија до крајот на ноември, кога завршува скринигот за земјава треба да ги донесе уставните измени, по што треба да се одржи втората меѓувладина седница. Доколку тоа не се случи има предупредувања дека процесот за преговори со ЕУ би можел да запре.

ВМРО-ДПМНЕ ѝ порача на власта да не се надева на поддршка ни за иницијативата за отворање на Уставот, ниту за тоа Бугарите да бидат запишани во Преамбулата, што е услов во преговарачката рамка за да продолжат пристапните преговори за членство во Европската Унија.

Мицкоски најави и дека исто сценарио ќе има и на пленарната седница закажана за 18 август и порача власта да не се надева на нивната поддршка ни за иницијативата за отворање на Уставот, ниту за тоа Бугарите да бидат запишани во Преамбулата, што е услов во преговарачката рамка за да продолжат пристапните преговори за членство во Европската Унија.

Шефот на државата Пендаровски смета дека со оглед на тоа дека ставовите на двата блока во македонското Собрание се многу јасни и досега непроменети, не очекува првата фаза гласање за евентуално отворање на уставните промени да се случи во август, туку некаде кон крајот на септември. Во однос на рокот, промената на Уставот треба формално да заврши до 30 ноември, додека трае скринингот од ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!