Фото: Pexels

Во оваа земја им се скратува казната на затворениците ако читаат книги: Мора да докажат пред комисија дека навистина ги прочитале

Во Узбекистан затворениците можат да ја скратат казната за три дена за секоја прочитана книга од одобрена листа, под услов да докажат пред специјална комисија дека ја прочитале и ја разбрале книгата, пишува „Путни кофер“.

Според новиот закон, затворениците можат да ја намалат казната што ја издржуваат ако пред комисијата покажат дека прочитале некој од светските класици од затворската библиотека. Со секоја книга, времето на казната се скратува за три дена, а на листата има десет книги, што значи дека затворениците можат годишно да скратат 30 дена.

На листата со одобрени дела се наоѓаат класици од узбекистанската и светската литература:

  • „Старецот и морето“ – Ернест Хемингвеј
  • „За војната“ – Карл фон Клаузевиц
  • „Американска трагедија“ – Теодор Драјзер
  • „Тројца другари“ – Ерих Марија Ремарк
  • „Фаренхајт 451“ – Реј Бредбери
  • „Процес“ – Франц Кафка
  • „Мартин Идн“ – Џек Лондон
  • „Минати денови“ – Абдула Кодириј

Мерката не важи за сите затвореници и не се применува кај оние што издржуваат доживотни казни. Се проценува дека програмата може да опфати повеќе од 13.500 лица. За секоја книга, затвореникот мора да покаже дека ја разбрал содржината и ја познава приказната.

Постапката ќе ја надгледува посебна комисија. По прочитаната книга, затворениците полагаат испит пред комисијата, која ја сочинуваат претставници на локалните совети, цивилното општество, самоуправните органи и управата на затворот. Само оние што ќе го положат испитот ќе можат да го искористат правото на скратување на казната.

Узбекистан не е единствената земја со ваква мерка. Локалните власти претходно ја проучувале меѓународната практика.

„Во Бразил од 2012 година затворениците можат да си ја скратат казната за четири дена по прочитана книга до 48 дена годишно. Слични мерки постојат во Италија и Боливија. Ние ги проучивме тие резултати и ја приспособивме практиката на нашиот правен систем“, изјави Шахризод Шокиров од Министерството за внатрешни работи на Узбекистан.

Листата со книги е создадена за да опфати широк спектар на области. Идејата е дека читањето ќе им овозможи на затворениците да размислуваат за себе, подобро да ги разберат другите, да влијае врз нивното морално образование и да помогне во превенција на идни криминални дела.

Правниците и образовните експерти во земјата ја поздравија мерката. Тие сметаат дека ова може да ги мотивира затворениците да го поминуваат времето во учење. Властите нагласуваат дека законот ја отсликува промената во правосудниот систем, од репресија кон рехабилитација и образование, но нагласуваат дека успехот на мерката ќе зависи од нејзината доследна примена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот