КПУ Затвор Скопје/Фото: МИА

Во очекување на Законот за амнестија, прекршителите на ковид протоколите завршија во затвор

И додека сe подготвува Закон за амнестија за граѓаните кои ги прекршија ковид протоколите во екот на пандемијата и потоа не ги платија соодветните парични казни, веднаш по Нова година зад решетки се најдоа 80-тина граѓани токму по тој основ.

Имено, „Слободен печат“ дознава дека за време на божиќните празници во КПУ Затвор Скопје на издржување затворски казни по правосилни пресуди се пренесени најмалку 84 лица, осудени за главно, прекршување на полицискиот час во 2020 година кога на државно ниво беа спроведени најригорозните мерки и забрани за движење на населението заради спречување на ширењето на коронавирусот.

Скопјанец со упатен акт за затворска казна, кој не успеал да си ја плати паричната казна зголемена со судските трошоци на сума од 2.000 евра на Бадник е приведен и спроведен во затворот во Шутка, реагираат од неговото семејство.

Лоши хигиенски услови и слаба медицинска грижа

По три дена поминати во приемното одделение, префрлен е во полуотвореното одделение од затворот и таму треба да помине околу 120 дена за да ја исплати изречената парична казна. Тој решението за издржување на казната затвор од Основниот кривичен суд го добил на 20.06.2022 година, по што поднел молба за одложување на затворската казна која му е одбиена. Скопјанецот кој боледува од епилепсија, поднел и молба за плаќање на вкупната сума од 123.000 денари на рати, но за тоа не добил никаков одговор од судот. Во меѓувреме почнал самоиницијативно да плаќа на рати за што поседува и соодветни уплатници, но сепак се најде во ќелија токму за големиот православен празник Бадник, реагира неговата сестра која живее надвор од државата. Платениот износ не е одземен од вкупната сума која со судското решение треба да ја плати.

Веднаш по неговото спроведување во затворот, имал потреба од примање на редовната терапија за епилепсија но не ја добил, тврди семејството. Доставена му е три подоцна. Семејството реагира на нехуманите услови во Затворот Скопје во кој се нашле овие осудени лица кои во келија ќе мора да поминат околу 4 месеци заедно со сторители на посериозни кривични дела за кои се води истрага.

Лошите хигиенски услови и недоволната здавствена грижа во КПУ Затвор Скопје неодамна ги потенцираше и Хелсиншкиот комитет за човекови права во својот редовен годишен извештај за состојбите во затворите во Македонија, каде меѓудругото нагласи дека се неопходни мерки за подобрување на здравствената грижа за лицата лишени од слобода и препорача Министерството за здравство во целост да ја преземе, вклучително и да обезбеди потребни лекови за лицата лишени од слобода.

Упатниот акт побрз од амнестијата

Од друга страна револтот за лишувањето од слобода на овој тип на осуденици е голем зошто добија лажна надеж со најавата за амнестија на прекршителите на ковид мерките кои ги претркаа судските упатни акти за извршување на затворска казна откако во сите можни законски рокови не си ја платиле паричната казна за прекршок на ковид протоколите.

-Инаку, во текот на 2022 година,  на 138 лица кои биле правосилно осудени на парична казна заради  член 206 од КЗ, односно Непостапување според здравствени протоколи за време на пандемија,  а не ја платиле досудената казна и покрај тоа што биле изминати сите Законски рокови за плаќање, согласно Законот за извршување санкции, паричната казна им е заменета за затворска. За сите лица за кои е издаден упатен акт за да се јават на издржување на затворската казна, испочитувани се сите Уставно загарантирани права па така одобрени им се сите основани молби за одлагање на извршувањето, плаќање на казната на повече рати и дадени им се рокови за самостојно да се јават во Установата. А за сите кои не ги испочитувале роковите од Упатниот акт или навремено не ја платиле казната или одобрените рати, издадена е наредба до надлежното МВР за пронаоѓање и спроведување на лицата на издржување на казната, информираат од Основен кривичен суд Скопје за „Слободен печат“.

Од таму додаваат дека упатен акт за издржување на затворска казна не добиле сите 138 лица, туку само оние кои не ја платиле паричната казна. За тврдењето дека во ист период 84 лица се приведени и спроведени во затвор, не упатија одговори да побараме од МВР.

Од Министерството за внатрешни работи се децидни дека постапуваат секогаш кога има судска пресуда и ако лицето треба да лежи во затвор по правосилна пресуда тоа е обврска на полицијата да постапува по потерницата која ја издава судот. Полицијата не смее да игнорира судска наредба, децидни се од МВР во изјава за „Слободен печат“

СВР Скопје само минатата година привела околу 300 лица барани со потерница издадена од судовите по разни основи.

Се подготвува законот за амнестија

Во Собранието се крчка предлог Законот за амнестија на прекршителите на ковид протоколите од периодот на пандемијата, за кој според пратеничката од СДСМ Снежана Калеска – Ванчева до крајот на месецов доколу работната драфт верзија добие поширок консензус.

-Драфт верзијата не е конечна, кон крајот на месецот се надевам дека ќе обезбедиме консензус за да го донесеме законот. Со него веднаш на слобода ќе се најдат лицата кои сега ги одлежуваат затворските казни за прекршоците сторени во текот на корона пандемијата. Во одреден период секоја држава носи закон за амнестија, но ниту едно законско решение не било поздравено од сите и секогаш ќе има незадоволни и критики. Сакам да нагласам дека во пандемијата посебно во 2020 година како држава имавме поблаги рестриктивни мерки, за разлика од некои кои имаа поцврсти. Тоа беа вонредни околности кои бараа вонредни мерки и имаше граѓани кои ги прекршија и беа прекршочно казнети за тоа, вели пратеничката Калеска – Ванчева од пратеничката група на СДСМ која го подготвува овој закон во изјава за „Слободен печат“.

Дали законот ќе се донесе според планираното, останува да видиме, а во меѓувреме извесно е дека зад решетки ќе останат осудените лица кои во пандемичната 2020 година го прекршија полицискиот час, користеле лажни сертификати за ПЦР тестови, своеволното излегувале од изолација, казниви по член 205 и 206 од Кривичниот законик кои се однесуваат на кривичните дела „пренесување заразна болест“ и „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.

Амнестијата нема да важи за рестораните, за кафулињата, за фирмите и за другите правни лица кои ги прекршуваа ригорозните ковид протоколи.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот