
Во Музејот на современата уметност во Скопје почнува Фестивал на перформансот
Во Музејот на современата уметност (МСУ) – Скопје од 3 до 6 октомври ќе се одржи четиридневен Фестивал на перформансот составен од две програми.
Препорачано
Главната програма е тридневен настан насловен „(Пост)југословенски наследства и тела: перформанс, критика и утопија“ куриран од Биљана Тануровска – Ќулавковски и Славчо Димитров и се состои од проекции, предавања и перформанси.
Додатна програма е програмата на партнерите, која произлегува од резиденциите, педагошките и истражувачките активности во партнерство со фондацијата „Арт Експлора“ (Франција/Албанија) и нејзината резиденцијална програма „Вила 31“ во Тирана, како и соработка со алумни од Националната школа за уметност во Париз-Сержи (ENSAPC) и уметници соработници на Иницијативата за усна историја во Приштина (OHI).
Општата идеја на фестивалот е да се измислат различни начини на делување, кои ќе се занимаваат со пренесување на уметничкото наследство во проширениот контекст на историјата на модерноста, како и засилување на рецепцијата на идеите и гестовите во релација со постојано еволуирачките чинови и форми, кои се во потрага по еманципација.
Фестивалот е второто поглавје од европската програма „Култура.ЕУБалкан (2022-2024)“, чија цел е да се поттикне размена на уметници, истражувачи и културни чинители, меѓу Западниот Балкан и Европската Унија и да се промовира ширењето на нивните практики и нивните истражувања. Претставата на „NAM Choreolab“ е претставена во соработка со ППФестивал на „Локомотива“ и проектот „Движење на неврзаните“, поддржан од „Креативна Европа“ / Програма за европска соработка со Западен Балкан и Министерството за култура на Република Северна Македонија.
МСУ – Скопје фестивал на перформансот е настан кој се организира на годишно ниво, овозможувајќи експериментирање и споделување на уметничката пракса на резидентите и уметниците од регионот, ЕУ и меѓународните сцени. Преку партнерства со културни институции, како и организации, здруженија, школи, универзитети и истражувачки центри, фестивалот ќе се вклучи во пошироки соработки со можност за проширување на други јавни и отворени простори.
На 3 октомври фестивалот ќе биде отворен со партнерската програма. Во 18:30 часот предвидена е презентација на партнерите од иницијативата „Култура.ЕУБалкан“ и дискусија со Јета Реџа, директор на Иницијативата за орална историја (OHI), Приштина; Жозефин Дофин, одговорна за резиденцијалните програми на „Арт Експлора“, Париз/Тирана; Камил Кингуе, раководителка за меѓународни прашања и кариерен развој на Националната школа за уметност во Париз-Сержи (ENSAPC), Париз. Модераторка ќе биде Ивана Васева, кураторка во МСУ.
Потоа следува „Хакерски водич кон шумата: музејско издание“, перформанс од „Колектив Tree“ (Елизабет Баном, Кетрин Маршал, Мартијн ван Елферен), алумни на Националната школа за уметност во Париз-Сержи (ENSAPC). Од 21 часот ќе бидат прикажани куси видеа: „Транс’нистрија и Абхазија отпосле“ од Ванѓуш Велаху, „Трнарче“ и „Како се раѓаат ѕвездите?“ од Олсон Ламај и „Кучките за нивниот дин“ од Ана Еренштајн, гости на „Вила 31“, резиденцијална програма во Тирана која ја води фондацијата „Арт Експлора“ (Франција/Албанија).
Од 4 до 6 октомври ќе се случува главната програма: „(Пост)југословенски наследства и тела: перформанс, критика и утопија“. Куратори на тридневните настани се Биљана Тануровска – Ќулавковски и Славчо Димитров.
На 4 октомври, од 18:30 часот, предвиден е перформанс на Христина Иваноска со наслов „Документ што недостасува: За методологијата (текст, глас, и тело)“ (2014). Потоа предавање на Јована Караулиќ / Изведување на државата: Културолошки перформанси на југославизмот. Во 20:45 часот, проекција на филм од Марта Попивода „Југославија, како идеологијата го придвижуваше нашето колективно тело“ (2013) / Србија, Франција, Германија. За крај на фестивалската вечер ќе биде прикажана видеоинсталација на Попивода, во соработка со Ана Вујановиќ / Површини кои значат: Денот на младоста 1988 (2022).
На 5 октомври, од 19 часот, ќе бидат изведени перформанси на Клелија Живковиќ / Кој те научи да се чувствуваш добро? (2024); на Милица Ракиќ и Владимир Бјеличиќ / Истражна постапка: Досието на една Југословенка (2024) и на Оља Грубиќ/ Икебана (2018). Од 20:30 часот предвидено е перформативно предавање на Дражен Драгојевиќ / Како што се партизаните со не.
На последната фестивалска вечер на 6 октомври, во 18 часот, закажано е предавање на Јасмина Заложник / Заземање простор. Нови пракси на перформативната уметност во Југославија. И за крај перформанс на НАМ КореоЛаб: Соња Преград, Ана Дубљевиќ, Викторија Илиоска, Дражен Драгојевиќ / Како што се римува со не, Не не се повторува. Но се римува. (2024). Влезот на сите настани е слободен.