Рак канцер илустрација/Фото МИА

Во Косово секоја година по пет отсто повеќе случаи на заболени од рак

Директорот на Клиниката за онкологија при Универзитетскиот клинички болнички центар на Косово, Илир Куртиши, изјави дека бројот на нови случаи на рак во Косово расте со стапка од околу 5 проценти годишно, пишува Газета експрес.

Тој објаснува дека тој тренд е резултат на неколку фактори, вклучувајќи загадување на воздухот, пушење или неурамнотежена исхрана, но и поголема свест кај граѓаните за потребата од редовни прегледи.

Според клиничкиот регистар на Клиниката за онкологија, од јануари до почетокот на јули 2025 година, регистрирани се околу 1.070 нови случаи на рак. Податоците на национално ниво од Косовската агенција за статистика покажуваат дека во последната деценија бројот на нови случаи расте речиси континуирано.

Куртиши нагласува дека значителен дел од случаите се уште се дијагностицираат само во напредна фаза на болеста. Тој споменува и дополнителни фактори кои влијаат на ширењето и прогресијата на болеста – вирусни инфекции, употреба на контрацептивни средства, недостаток на физичка активност и други.

Органите на дигестивниот систем, дебелото црево и желудникот, се меѓу најранливите на малигни тумори. Туморите на дојката и гениталните органи се исто така меѓу најчестите.

Националниот институт за јавно здравје на Косово наведува дека во 2024 година, најчести видови на рак биле – рак на дојка со 640 случаи, односно 17,6 проценти, потоа рак на кожа со 587 случаи – 13,8 проценти, рак на белите дробови и бронхиите со 312 случаи – 8,6 проценти и рак на дебелото црево со 193 случаи – 5,3 проценти.

Вкупно, во периодот јануари-декември 2024 година се пријавени 3.644 нови случаи на малигни заболувања.

Според статистиката на Националниот институт, 51,8 проценти од пациентите се жени, а 48,2 проценти се мажи, додека најранлива возрасна група се лицата над 60 години.

Според овој институт, зголемувањето на бројот на случаи на рак е поврзано со слични фактори како и во другите земји: демографски промени, загадување на животната средина, начин на живот, подобрување на дијагностиката и известувањето, како и недостаток на посебни програми за превенција и рано откривање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот