
Во јули сме ѝ платиле на „Бехтел и Енка“ 16,5 милиони евра, има уште многу до 1,3 милијарди
Во јули годинава, преку Јавното претпријатие за државни патишта, на конзорциумот „Бехтел и Енка“, изведувач на делови од автопатот на коридорите 8 и 10д (Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчан и Прилеп-Битола) му беа исплатени 1.022.217.192 денари (16,5 милиони евра).
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Според Извештајот за надзор на напредокот, во јули изведувачот продолжил да извршува работи главно за геотехнички истражни работи, проектирање и спецификации на автопати, проектирање на експропријација, активности за истражување на неексплодирани убојни средства, привремени работи за управување со сообраќајот и мобилизациски работи и градежни активности главно за земјени работи, одводнување и конструкции.
Активност има за делниците Тетово-Гостивар (18 километри), Гостивар-Букојчани (30 километри) и Прилеп-Битола (40 километри), додека за четвртата делница Требениште – Ќафасан (22 километри), трасата треба да се преиспита со цел да се одржи заштитениот статус на Охридското Езеро и регионот.
Според Извештајот, моментално се работи на пет моста, четири надвозници и два подвозника. До крајот на јули оваа година, беа ископани 3,2 милиони кубни метри земја и поставени 706.500 кубни метри материјал за полнење.
За време на овие активности, изведувачот вработил 2.172 лица и 1.181 градежна машина заклучно со јули.
Од почетокот на годината, американско-турскиот конзорциум добил две исплати во април од 599.794.350 денари и 524.972.228 денари, како и една во мај од 681.026.665 и во јуни од 830.336.364 денари. Во исто време, до крајот на минатата година се исплатени 261 милион евра.
Теренските активности согласно Договорот со „Бехтел и Енка“ во вредност од 1,3 милијарди евра се спроведуваат од 22 април 2023 година.
Претходната влада на СДСМ и ДУИ во контроверзна постапка, со носење на посебен закон за да се заобиколи Законот за јавни набавки, ѝ го додели најголемиот договор што го потпишала Македонија од независноста наваму на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Тој треба да изгради 110 километри автопатишта, главно во западниот дел од државата. Со проектот во минатата власт раководеше поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој е во бегство откако лани беше обвинет за злоупотреба на службената положба, по што избега на Косово и македонските власти не знаат каде сега се наоѓа.