Фото: Slavek Ruta / Zuma Press / Profimedia

Тие се целосно истребени во дивината: Четири младенчиња од редок подвид берберски лав се родени во зоолошка градина во Чешка

Четири младенчиња од реткиот подвид берберски лав неодамна се родени во чешката зоолошка градина „Двур Кралове“, што претставува важен придонес за опстанокот на овој загрозен подвид кој е истребен во природата.

Младенчињата моментално се под будното око на нивните родители – Калила и Барт, но наскоро ќе бидат испратени во други зоолошки градини во рамките на меѓународна програма за заштита на оваа подврста, меѓу кои и зоолошката во израелскиот град Бершеба, пренесе агенцијата „Асошиејтед прес“.

Заменик-директорот на чешката зоолошка градина, Јарослав Хијанек, изјавил дека се преземаат првични чекори за евентуално враќање на лавовите во нивното природно живеалиште, но дека тоа засега е „далечна иднина“.

Фото: Slavek Ruta / Zuma Press / Profimedia

Хијанек додал дека се одржани иницијални разговори со властите на Мароко, кои не ја отфрлиле оваа идеја, а подоцна оваа година или на почетокот на 2026, е планирана конференција на експерти во Мароко, на која ќе се одлучува за понатамошната судбина на планот за враќање на лавовите во националните паркови во Атласките Планини, каде што порано живееле.

Берберскиот лав, подвид на северноафриканскиот лав, некогаш живеел на подрачјата на северна Африка, вклучувајќи ги Атласките Планини.

Овој подвид бил истребен од човекот – многу единки биле убиени уште во времето на стариот Рим од страна на гладијатори, а подоцна ловот и исчезнувањето на нивните природни живеалишта придонеле за нивно целосно исчезнување. Последната фотографија од берберски лав е направена во 1925 година, а последниот забележан примерок бил убиен во 1942 година.

Се проценува дека денес во заробеништво живеат помалку од 200 единки од овој подвид.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот