
Во ДИК за платено политичко рекламирање се пријавиле над 330 медиуми
Од Државната изборна комисија информираат дека во предвидениот рок од три дена по распишувањето на локалните избори, за платено политичко рекламирање се пријавиле 333 медиуми, но, како што велат, списокот не е конечен бидејќи барањата се уште се проверуваат.
Препорачано
Исто така вечерва на полноќ истекува и рокот за доставување на ценовниците. Според Роковникот на ДИК, ценовниците треба да се потврдат и објавата на веб страната на ДИК најдоцна на 24 август.
Најголем дел од медиумите кои се пријавиле за платено политичко рекламирање се интернет портали, 257, потоа во рокот се пријавиле и 43 радиостаници, 33 телевизии и осум печатени медиуми.
Од ДИК за МИА наведуваат дека сите барања подлегнуваат на проверка од страна на службите во Комисијата затоа бројката не може да се смета за дефинитивна.
Исто така, оттаму појаснија дека печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) се должни да ги достават ценовниците за платеното рекламирање до ДИК, Државниот завод за ревизија и Државната комисија за спречување на корупцијата во рок од пет дена од денот на распишувањето на изборите.
Радиодифузерите, пак, треба да ги достават до ААВМУ, ДИК, ДЗР и ДКСК во рок од пет дена од денот на распишувањето на изборите, најдоцна до вечерва на полноќ.
Од ДИК додадоа дека се должни да ги потврдат и на веб-страната да ги објават доставените ценовници со просечно пресметаните цени од радиодифузерите, печатените медиуми, како и интернет порталите најдоцна до 24 август.