
Во чест на Денот на независноста на Македонија во Загреб ќе се одржи фестивал на македонски филм
Со свечено отворање на Фестивалот на македонски филм – Македонски филмски класици, Амбасадата на Македонија во Хрватска и македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, во соработка со Кинотеката на Македонија, Советот за македонско национално малцинство на Град Загреб и Македонската православна црква во Хрватска, ќе го одбележат 8 Септември, Денот на независноста на Македонија.
Препорачано
Отворањето на Фестивалот на 8 Септември е резервирано за почетоците на македонската кинематографија со ексклузивна проекција на целокупниот дигитално реставриран филмски опус на браќата Манаки, првите сниматели на Балканот.
Македонскиот КИЦ во Загреб, првото издание на патувачкиот Фестивал на македонски филм во Хрватска го посвети на македонските филмски класици. Во рамки на програмата ќе бидат прикажани четири долгометражни играни филмови и четири краткометражни играни филмови, кои оставиле траен белег во македонската кинематографија. Тоа се филмски остварувања на реномирани македонски режисерски имиња, меѓу кои се Столе Попов, Љубиша Георгиевски, Милчо Манчевски, Димитрие Османли и Митко Панов.
Благодарение на воспоставената соработка со „Хрватска мрежа на независни киноприкажувачи“, селектираните македонски филмови ќе бидат прикажани низ 13 кино сали во 13 градови во Хрватска, овозможувајќи пошироката хрватска публика да се запознае со историјата на македонската кинематографија.
– Патувачкиот Фестивал на македонски филм е настан од особено значење, бидејќи претставува прв ваков фестивал надвор од државата, како и прва соработка од овој вид, во која македонската кинематографија воспоставува директна комуникација со една интернационална мрежа на независни киносали, односно со „Хрватската мрежа на независни киноприкажувачи“. Оваа иницијатива на македонскиот КИЦ во Загреб ја позиционира Македонија на пошироката филмска мапа и го отвора патот за подлабока културна размена – вели директорот на Кинотеката на Македонија, Бошко Грујоски.
Фестивалската програма ќе биде збогатена и со изложба на македонски филмски плакати, богат филмско-архивски материјал, кој има значајно место во промоциската, визуелната и естетската перцепција на филмот како комплексен културен производ.
Изложбата со наслов „Македонски филмски плакат 1952 – 2022“, ќе биде поставена во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб. На оваа поставка, прва соработка од ваков вид меѓу македонскиот Културно-информативен центар во Загреб и Кинотеката на Македонија, ќе се прикажат автентични филмски плакати од антологиски филмови, чие графичко и ликовно решение претставува жив сведок на развојот на филмот како уметност и културно огледало на времето во кое тие филмови се создавале.
– Изложбата и филмската програма имаат за цел да ги доближат македонската култура и македонското филмско наследство до хрватската јавност, потсетувајќи на заедничките културни врски и проникнувања што ја одбележаа некогашната заедничка филмска сцена. Истовремено, тие претставуваат омаж на авторите, уметниците и плакатистите кои оставиле траен белег во историјата на македонскиот филм – истакнува директорката на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, м-р Мими Ѓоргоска Илиевска.
Фестивалот на македонски филм во Хрватска е дел од Годишната програма на македонскиот КИЦ во Загреб поддржан во рамки на Годишната програма за проекти од национален интерес на Министерството за култура и туризам, известија од Македонскиот КИЦ во Загреб.