
Во Брисел прв состанок на заедничката српско-косовска Комисија за исчезнати лица
Денеска во Брисел се одржува првиот инаугуративен состанок на заедничката Комисија на Србија и Косово за исчезнати лица.
Препорачано
Формирањето на оваа комисија се заснова на договорот постигнат минатата година во рамките на дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, кој го посредува Европската Унија, за спроведување на Декларацијата за исчезнати лица.
Според Црвениот крст, сè уште има 1.612 исчезнати лица од војната во Косово.
На средбата косовската делегација ќе ја предводи Халил Ценај, најави претседателот на владината комисија за исчезнати лица, Андин Хоти.
Во меѓувреме, Србија пред средбата не соопшти кој ќе ја предводи нејзината делегација, пишува Радио Слободна Европа.
Според извори во ЕУ, на оваа средба не се очекуваат конкретни активности, туку повеќе ќе има симболичен и церемонијален карактер, со оглед на тоа што ќе биде прв состанок на оваа комисија. Исто така, тоа што Косово е во период на изборна кампања, влијае дека ова е само симболична средба.
Извори од Брисел велат дека средбата ќе биде можност страните да ги претстават своите приоритети и да се договорат за датумите на идните средби на кои се очекуваат конкретни резултати.
Претседателот на косовската владина комисија за исчезнати лица, Андин Хоти на Фејсбук напиша дека планот за работа и следните состаноци ќе бидат утврдени во Брисел.
Тој изјави дека во таа насока косовската делегација ќе изнесе неколку клучни барања, кои главно се однесуваат на следењето на спроведувањето на Декларацијата за исчезнати лица, „со посебен осврт на писмото кое го упативме до Вучиќ и други важни прашања од оваа област“.
„Овој состанок е важен чекор кон спроведувањето на постојниот договор за Декларацијата за исчезнати лица, одобрена на 2 мај 2023 година“, рече тој.
Во декември минатата година, Косово и Србија се договорија да формираат заедничка комисија за спроведување на Декларацијата, а ЕУ ја опиша како еден од најважните резултати од дијалогот минатата година.
Политичката декларација беше постигната во мај 2023 година меѓу премиерот на Косово, Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Сепак, досега не е преземена конкретна акција за нејзино спроведување, а семејствата на повеќе од 1.600 исчезнати лица – главно Албанци – нестрпливо чекаат да ја дознаат судбината на нивните најблиски.
Во минатото двете страни меѓусебно се обвинуваа за недостиг на волја да дадат информации за исчезнатите лица, како и пристап до релевантни документи и воени архиви важни за расветлување на судбината на исчезнатите лица.
Во Декларацијата за исчезнати лица е наведено дека страните се обврзуваат да ги идентификуваат погребните места и потоа да ги ископаат.
Таму страните исто така се согласуваат да обезбедат целосен пристап до веродостојни и точни информации кои би помогнале во пронаоѓањето и идентификувањето на исчезнатите лица во периодот од 1 јануари 1998 до 31 декември 2000 година.
„Ова ги вклучува сите материјали, белешки, наредби, документи, видеа, аудиоснимки и сите други документи – вклучително и оние кои имаат класифициран статус – што ги поседуваат институциите на двете страни, а кои се релевантни во овој контекст“, се наведува во Декларацијата.
Во оваа Декларација не се споменуваат воените или полициските архиви кои Косово побара од Србија да ги отвори, бидејќи во нив се вели дека содржат и информации за исчезнатите.
Но, се споменуваат други класифицирани документи, кои според експертите се однесуваат на доверливи документи или државни воено-полициски архиви, кои според нив би помогнале во пронаоѓањето на исчезнатите лица.
Косово изврши ископувања на различни локации за коишто постоеја сомневања дека се закопани останки на лица убиени за време на војната. Но, властите честопати зборуваа дека проблемот лежи во локациите во Србија, каде што се сомнева дека се закопани дел од жртвите од војната во Косово.
Во регионот, расветлувањето на судбината на исчезнатите лица од конфликтите во Хрватска и Босна и Херцеговина е исто така дел од работата на заедничките комисии меѓу овие земји.