
Во Белград: Групата „Ван Гог“ одржала спектакуларен концерт со солзи на крајот
Белградската рок-група „Ван Гог“ вчера (11 март) одржала спектакуларен концерт насловен „Висок напон“ во Комбанк салата во Белград пред одушевената публика и искрените фанови на бендот кој постои цели 36 години, пренесуваат српските медиуми.
Препорачано
Концертот ќе остане запомнет и по солзите на фронтменот на бендот, Ѓуле, на крајот од концертот, додека се сеќавал на сите оние кои ги изгубивме во последните две години.
По три години од триумфалниот акустичен концерт „На дрва“, во март 2019 година, во поранешниот Дом на синдикати, популарниот состав се врати на истото место и тоа со два концерти, бидејќи картите за првиот настап веднаш се распродадоа, тие закажаа уште еден концерт, веднаш за следната вечер.
Поводот кај нив секогаш е емотивен и важен. Сега слават 25 години во живо од албумот „No comment“, снимен во 1997 година во Студентски културен центар Белград (СКЦ), пренесуваат медиумите.
Под името „Ван Гог“, Звонимир Ѓукиќ – Ѓуле (фронтмен – вокал и гитара), Србољуб Радивојевиќ – Срба (тапани) и Драган Ивановиќ – Гага (бас-гитара) пружиле извонредна музичка програма од цели два ипол часа.
Преку 28 мега-хитови групата одлично го претставила пресекот на кариерата низ десетте студиски албуми „Ван Гог“ (1986), „Светот е мој“ (1991), „Страст“ (1993), „Оди“ (1996), „Опасен танц“ (1999), „DrUnder“ (2002), „Коло“ (2006), „Лавиринт“ (2009), „Неумерен во сѐ“ (2013), како и последниот материјал „Море без брег“ (2019).
Концертот почнал со необичен вовед, со краткиот настап на харфа на младата уметница Лана Костиќ. Публиката со нетрпение ја чекала на главната програма, планирана за подоцна. Групата ги држела фановите во неизвесност за потоа на големо платно да се пушти видео што се претворило во грмеж и блесок, алудирајќи на високиот напон од плакатот од концертот, со слика од сите членови на бендот.
Конечно, бендот направил урнебес со рок-хитот „Без облик“. Тоа го направиле криејќи се како фантоми зад огромното платно и правејќи сенки на екранот, а при тоа само малку ги пуштале рацете низ платното.
Бендот ѝ измерил „Пулс“ на публиката со динамичните стихови „Ако запреме, губиме сѐ“, а потоа ја заиграле со „Нека те носи телото“.
„Почитувана публико, низ висок напон имате длабоко поклонување од ’Ван Гог‘. Веќе 36 години останавме свои на крилјата на нашата музика“, за прв пат по третата песна, на публиката ѝ се обратил лидерот Ѓуле.
Набрзо потоа рокерите паднале во „Екстаза“, но и храбро признале „Веќе не те сакам како претходно“. Потоа ја отсвиреле моќната „Вртелешка“, на која се завртеле и себе и фановите, а по неа следувала прекрасната балада „Прва и последна капка“.
„Чест и гордост ни е што имаме токму ваква публика од сите генерации. Горди сме и дека шетаме слободно на полето на нашите соништа“. Со овие зборови, Ѓуле го најави својот следен хит „Поле на соништата“, и ја подигна целата сала на нозе, пренесуваат медиумите.
Докажале и дека антологијата „Траги на минатото“ е вистинско ремек-дело, откако со песната ја распаметиле целата сала. На изведувањето на големиот хит „Киселина“, публиката во првите редови почнала да скока, па Ѓуле отсвирел дополнителен инструментален дел за да ѝ даде прилика на публиката во целата сала да скока.
Гостин бил поранешниот басист Аца, кому тој ден му било роденден, па со композицијата „Мама“ предизвикале огромна еуфорија во преполната сала од 1500 луѓе.
Бендот се пофалил и дека вечерта имало публика од Осло, Лондон и Стокхолм. Ги отсвиреле и песните „Тенко влакно“, „За твоите години“, запловиле на „Бродот од хартија“, сфатиле дека „За солзите нема време“, и виделе дека „Нешто ме влече долу“. Сите заедно се запрашале „Дали знае“, а потоа ја пееле „Басна“, по која следувала „Список на причини“, со која концертот официјално завршил.
„Огромна чест е да се свири за вас. Ви благодарам луѓе, вечерва сме горди. Побегнавме од невкусот и бесмислата“, кажале пред публиката да ги врати на бис со песните „Некој те има“ и „Коло“.
„Во чест на оние кои не се со нас, за сите што ги изгубивме прерано, за оние кои ги однесе оваа пандемија. За Миша Алексиќ, Драгољуб Ѓуриќиќ, Ѓорѓе Балашевиќ и сите останати, браќа и сестри“, Ѓуле емотивно го најавил хитот „Ангеле, брату мој“ и ја замолил публиката да ги вклучи телефоните.
Ненадејно, на крајот на песната и тој заплакал. За тоа време, целата сала силно и долго му аплаудирала. Вака беше одбележан крајот на концертот од два ипол часа што завршил со многу тажната балада „Можеби токму сега“, каде Звонимир Ѓукиќ и понатаму едвај ги задржувал солзите.
Звонимир Ѓукиќ – Ѓуле и Србољуб Радивојевиќ – Срба секогаш се успешен тандем и силна музичка атракција. Тоа го докажаа и на оваа магична рокерска ноќ со басистот Драган Ивановиќ – Гага, кој неодамна се вратил во бендот, известија српските медиуми.
Фотографии: Marko Edge