
Внимателно со петардите: Тешки повреди на раката со ампутација на прсти, повреди на лицето, очите и усните
Многу луѓе не можат да ја замислат Новата година без петарди и огномет. Увозот и продажбата се контролираат, пиротехничките средства можат да продаваат само овластени продавачи, а само возрасните купувачи можат да купат. Сепак, секоја година се бележат десетици повредени лица, а речиси половина од нив се помлади од 16 години…
Препорачано
Ако петардата не се користи како што треба, ако се остави да пукне во раката или ако се даде на мало дете кое не може да ја фрли, се појавуваат разни видови повреди – најчесто тешки повреди на раката со ампутација на прсти, повреди на лицето, очите, усните... Се случува и другари еден на друг да си ставаат петарди меѓусебно во јакните, предизвикувајќи изгореници или тешки, разорни изгореници на ткивото, генерално онаму каде што петардата експлодира.
На улиците со денови се слуша „пукањето“ на петарди и на слични експлозивни направи кои главно ги фрлаат децата.
Малите деца не се свесни дека со тоа го загрозуваат своето здравје, затоа се апелира до родителите да не им купуваат петарди. Објаснете им на малите деца дека петардите не се играчки и дека можат да им остават трајни последици. Поради неправилното ракување и невнимание може да дојде и до посериозни повреди и изгореници на лицето, рацете или очите, како и до оштетување на слухот.

Страдаат прстите
Иако обично станува збор за поблаги повреди како исеченици, гребнатинки и изгореници од полесен степен, за жал, има и посериозни повреди каде страда кожата, рацете, прстите, ушите, односно слухот, лицето и очите. За жал, праксата на лекарите зборува дека не се ретки ниту ампутација на прстите на раката, но и повреди на очите и на лицето.
Страдаат очите
Поради петардите често страдаат и очите, а повредите се многу посериозни – од изгореници на капаците, до повреди на надворешните делови на окото, како на пример, рожницата.
Сите овие повреди можат да бидат исклучително сериозни, многу болни и бараат секојдневни преврски и одење кај лекар, а некои можат да предизвикаат трајни последици.
Прва помош
Поради тоа што најчести повреди се изгорениците, па во тој случај би требало да знаете дека повреденото место од изгореници што побрзо треба да се излади.
Најдобро е повредениот дел на телото да го ставите под млаз на студена вода или на изгореницата да се стави мокра студена крпа, бидејќи тоа го забавува понатамошното уништување на ткивото и ја ублажува болката. Во вакви ситуации, не му ставајте мраз.
Детето задолжително однесете кај лекар.
Прскалките воопшто не се безопасни
Повреди може да се случат и од прскалките кои само на прв поглед делуваат наивно.
Многу често прскалките се користат во домашни услови, во близина на елката, завесата и може да се случи, не само тие да го изгорат тој што ги држи, туку и да дојде до пожар во кој ќе настанат повреди поради палење на завесата или на нешто друго. Затоа, прскалките треба да се користат внимателно, подалеку од сѐ што е запаливо.
Лекарите напоменуваат дека не треба да им се даваат петарди или прскалки на малите деца бидејќи, како што велат, може да се исплашат, па да ги фрлат и да запалат завеса, тепих или што било друго во куќата.
Во случај на повреда, забележуваат лекарите, првиот чекор е што поскоро да се пријавите во здравствена установа за да може раната да се преврзе.
Не се обидувајте сами да го лекувате детето. Многу често петардите, како експлозивни средства, навлегуваат подлабоко под кожата. Лекар ќе го прегледа детето, ќе ви каже што да правите понатаму…
