ВМРО-ДПМНЕ и Беса бараат оставки од министерот Оливер Спасовски поради убиството на Вања

Оливер Спасовски/ Фото: МВР

Опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и Беса вечерва со соопштенија побараа оставки од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски поради убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, чие тело вечерва беше пронајдено во Скопје.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека досега се воздржувале од изјави за да се дозволи простор за неоптоварена истрага.

„На огромна жал овој случај има трагичен крај. Изразуваме длабоко сочувство до семејството и до сите роднини и пријатели на починатата. Но, она што мора да се нотира е еклатантната неспособност на министерот Спасовски кој се занимаваше со организирање самит наместо навремено да реагира. Тој е брука и срам за полицијата и не е во состојба да ги заштити граѓаните. Зошто молчи полицијата за случајот со исчезнатиот граѓанин на Велес? Како полицијата на Спасовски дозволи среде Скопје да хара криминална група и да киднапира и убива недолжни граѓани?“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека во мандатот на Спасовски се случиле многу скандали.

„Спасовски оставка веднаш“, побараа од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата Беса велат дека овој случај ја урна довербата на граѓаните во полицијата.

„Само што беше објавено дека 14-годишната Вања Ѓорчевска е пронајдена мртва. За трагедијата да биде уште поголема, пронајдено е и мртво тело на 74-годишен старец. Оваа катастрофа прерасна во трагедија и овој случај ја руши сета доверба на граѓаните во Министерството за внатрешни работи. Бараме итна оставка, барем од морални причини, како од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, така и од заменик министерот, Назим Буши. Се додека овие две личности го водат МВР, криминалците стануваат што поблиску до криминалот, а граѓаните се несигурни. Изразуваме сочувство до семејството и роднините на Вања“, соопшти Беса.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот