ВМРО-ДПМНЕ го повика Јавното обвинителство да не го штити Филипче и да отвори истрага за модуларната во Тетово

ВМРО-ДПМНЕ бара од обвинителството да постапи по сознанијата кои ги има за модуларната болница, поврзани со лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски денеска од пред зградата на Јавното обвинителство, рече дека изминатите пет дена презентираат сознанија за вистината за модуларната болница, кои до нив дошле од свиркачи, а според информациите кои ги поседуваат, истите ги поседува и обвинителството.

„Провизии кои чинат животи е афера која до срж го открива Венко Филипче и неговата вина за пожарот во Модуларната болница“ рече Петрушевски, кој ги презентираше сознанијата со кои располагаат.

1. Венко Филипче дозволил изградба на модуларни болници без огноотпорни материјали.

2. Венко Филипче лично ја правел спецификацијата за изградба на Модуларната болница во Тетово, која надвор од закон и правила ја доставил до одговорната за набавката, а за ова постои и сведоштво од одговорното лице.

3. Директорот на Болницата во Тетово одбивал да ја прими Модуларната болница и да се пушти во работа истата.

4. Венко Филипче ден по несреќата кога цела Македонија тагувала, побрзал да го анексира договорот за градба со цел да се отстранат аномалиите кои сам ги дозволил.

5. Анексот кој експресно го спремил е зголемување за 20% на цената на чинење на проектот. Сомнително е како Филипче ден по несреќата наместо да мисли за одговорност мислел како да извлече 20% повеќе.

6. Вработени во Министерството за здравство по заминувањето на Венко Филипче одбивале да ги потпишат документите за штетните договори и анекси, наведе Петрушевски.

Тој рече дека го повикуваат Јавното обвинителство, да не се осмелува да го штити Венко Филипче и да отвори истрага за него.

„Аферата ,,Провизии кои чинат животи” не смее да остане заташкана“ порача Петрушевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот