
Влада: Сите дезинформации за дигиталните учебници се демантирани, наставата ќе продолжи со планот за новите реформи
Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ која се бори против дигитализацијата во образованието објави писмо потпишано од претседателот на Собранието, Талат Џафери, а во кое се известуваат родителите оти се повлекува Предлог законот за учебници и други дидактички материјали во основно и средно образование.
Препорачано
„Ве известувам дека Владата ме извести дека Предлог законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование, примен и заведен во Собранието на 29 април, 2021 година, под број 08-2167/1 го повлекува. Од овие причини Граѓанската иницијатива за распишување на референдум заради директно и непосредно изјаснување на граѓаните за предложениот нацрт закон за учебници е беспредметна“, пишува во писмото кое го објавија родителите на социјалните мрежи.
Но, додека родителите прославуваат на социјалните мрежи, карактеризирајќи ја оваа битка како „историска“ и добиена, МОН набргу излезе со кратко соопштение, во кое го демантираше сето ова.
МОН соопшти оти дигитализацијата ќе се случи и новите реформи ќе започнат да се спроведуваат од први септември, а од Влада, исто така потврдија оти новата концепција ќе се имплементира.

– МОН продолжува со имплементирање на планот за реформа на основното образование, согласно кој, предвидените новини се воведуваат етапно со почетокот на новата учебна година, во прво и четврто одделение. Наставата ќе се имплементира согласно новата Концепција и по нови материјали за учење кои ќе дадат подобри резултати по однос на знаењето на учениците – велат од Влада за „Слободен печат“.
Оттаму објаснуваат и оти досега сите дезинформации се демантирани и дигитализацијата на учебниците ќе се случи.
– Како што јавноста е веќе запознаена, новите наставни програми за прво и четврто одделение се веќе усвоени и јавно достапни, со што сите дезинформации и шпекулации врзани за нивната содржина, а креирани од одредени центри, најчесто од сферата на политиката, беа целосно демантирани, исто како и лажните вести врзани за концепцијата. Во меѓувреме, врз основа на новите наставни програми се изработуваат и нови материјали за учење, при што оние за прво одделение ќе бидат готови до крајот на јули по што ќе следи дистрибуција до училиштата, додека за четврто одделение ќе бидат готови во првата половина на август и тие ќе добијат и дигитална верзија – додаваат од Влада.