
Вклучувањето на Хезболах и негова сеопфатна војна против Израел може да има катастрофални последици
Расте загриженоста поради ризикот либанската милитантна група Хезболах, поддржана од Иран, да објави сеопфатна војна со Израел, пишува Дебора Хејнс, уредничка за безбедност и одбрана на британскиот медиум Скај њуз.
Препорачано
Таквиот конфликт би бил поредок многу поголем и посмртоносен од војната на Израел против Хамас во Газа со оглед на големината и можностите на либанските сили. Вчерашната ненадејна ескалација на нападите на Хезболах во северен Израел е застрашувачки знак.
Шиитските исламистички милитанти во Либан ги засилуваат смртоносните напади врз северен Израел откако изби војна меѓу израелските сили и Хамас, друга милитантна група поддржана од Иран, во Газа. Иако беше алармантно, насилството остана во одреден степен на ескалација, од што израелската страна можеше да добие порака дека Хезболах не планира тотална војна.
Но, вчерашното нагло зголемување на непријателствата може да ја промени таа пресметка. На нападите израелската армија одговори со воздушни напади врз цели на Хезболах во Либан и со тенковски и артилериски оган.
Последната активност на Хезболах ги подигна тензиите на северната граница на Израел на највисоко ниво во речиси четирите недели немири, што ја означи најтешката криза меѓу двете страни од Либанската војна во 2006 година.
Вниманието сега е насочено кон говорот што подоцна денеска ќе го одржи лидерот на Хезболах, Хасан Насрала. Тоа е негово прво појавување во јавноста од почетокот на израелската војна со Хамас. Свесни за ризикот дека Хезболах, со поддршка на Иран, отвора нов фронт против Израел, САД прават се што е во нивна моќ да ја спречат ескалацијата.

Две тешко вооружени ударни групи на носачи на авиони се преместени во регионот, со можност да нападнат каква било потенцијална закана за американските средства или сојузниците. Во тек се и значајни дипломатски напори, со цел да се предупредат Техеран и Хезболах да не започнат поширока регионална војна.
Иран, кој го финансира, тренира и опремува Хезболах, исто како и самата милитантна група, несомнено ќе ги балансира скапите последици од регионалната војна со желбата да се нападне Израел додека израелските саги се судираат со сунитскиот исламистички Хамас.
Израелските одбранбени сили не оставаат ништо на случајноста. Нивните трупи се мобилизирани на границата на север, поддржани од значителни воздушни сили, а во исто време се борат против Хамас на југ. Израел ја има убедливо најмоќната воена сила во регионот.
Сепак, Хезболах може да се потпре на околу 20.000 редовни борци, со десетици илјади резервисти, како и огромен арсенал моќно оружје – многу помоќно од се што има Хамас.
Ова вклучува ракети и проектили со дострел од речиси 700 километри, како и ракети со прецизно наведување – далеку попрецизни и поубиствени од ракетите лансирани од Хамас. Покрај тоа, Хезболах има огромни резерви на муниција со краток дострел, како и вооружени беспилотни летала.
Тоа значи дека секоја војна меѓу Израел и Хезболах може да биде многу покрвава и поопасна од конфликтот меѓу Израел и Хамас. Надевајќи се дека ќе ја спречи агресијата, Бенјамин Нетанјаху, израелскиот премиер, минатата недела предупреди дека Хезболах ќе ја направи „грешката на својот живот“ доколку одлучи да нападне.