Полициска потера по бегалци / Фото: МВР

Вистинска брканица и пукање во Скопје: Полицијата бркаше „ренџ ровер“ кој заврши во бездна

Скопјани синоќа ги вознемири пукање за време на полициска акција. Вистинска брканица се случувала додека полицијата се обидувала да запре џип „ренџ ровер“, кој бегал и не застанал на неколку повици.

Бркотницата завршила на патот кон населеното место Идризово, каде што полициските службеници успеале да го запрат џипот. Во брканицата, полицијата испукала и неколку предупредувачки истрели во воздух. Во џипот биле осуденици кои биле на отпуст од затворот Идризово.

„На 06.10.2025 во близина на населбата Нова Колонија полициски службеници од Одделот за специјални полициски операции, постапувајќи по план од СВР Скопје, ги лишија од слобода Н.А. (45) и А.Ј. (23) од Скопје. Лицата кои се осуденици, но биле на отпуст од КПУ Идризово, додека се движеле со патничко возило „ренџ ровер“ на ул. „Панче Неделковски“ во Скопје околу 20:20 часот, не застанале на даден знак од полициски службеници и се дале во бегство, по што веднаш се преземени мерки и активности за нивно запирање и лишување од слобода“, соопшти МВР.

Организирана е потера по возилото кое се упатило кон обиколницата, па потоа кон регионалниот пат Скопје-Велес, каде што возилото било стигнато од страна на полициските службеници во близина на населбата Нова Колонија.

Кога полициските службеници се обиделе да го престигнат „ренџ роверот“, возачот во два наврати удрил во полициското возило.

Полициски службеник испукал предупредувачки куршуми во воздух, но џипот не застанал, туку продолжил да се движи и во близина на Нова Колонија излетал од патот. Во возилото се пронајдени пет мобилни телефони, пари и клучеви од повеќе возила, а Н.А. и А.Ј. се уапсени и против нив, по документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот