
Висока цена на естетските процедури: Многу жени ги отстрануваат имплантите во градите поради голем број симптоми
Австралија бележи драстично зголемување на отстранувањето на импланти на гради во последните години, бидејќи голем број жени доживуваат сериозни симптоми по извршената естетска операција.
Препорачано
Според податоците на локалниот здравствен регистар, процентот на жени кои решиле да се подложат на таканаречената „операција за експлантација“, односно процесот на отстранување на имплантот, се зголемил од 0,4 во 2016 година на седум во 2022 година.
Овие бројки ги вклучуваат и оние жени на кои им биле вградени импланти по дијагноза на рак.
Кристина Тамба, дерматолог од Квинсленд е една од оние кои се решиле на тој чекор.
„Знам дека ја направив вистинската работа, бидејќи сега се чувствувам одлично“, вели таа.
Тамба пред повеќе од десет години била подложена на хируршко зголемување на градите, што, како што вели, предизвикало симптоми како „зголемување на телесната тежина, хормонални промени, анксиозност и самоубиствени мисли“.
Таа не е единствената – такви несакани ефекти од процедурата се пријавени од многу жени, а некои експерти колективно ги нарекуваат „болест на имплантот на дојката“.
Истражувачите истакнуваат дека оваа состојба сè уште не е медицински препознаена, но дека бара дополнително проучување, пишува „Јуроњуз“.
„Јас им ги отстранувам имплантите веќе пет или шест години на луѓе кои доаѓаат кај мене затоа што не се чувствуваат добро, а околу 80 отсто од нив доаѓаат на контрола за шест месеци и велат дека се чувствуваат многу подобро“, вели д-р Питер Видоусон, естетски и реконструктивен хирург на Лотус.
Студијата спроведена на Универзитетот „Маквори“ во Австралија покажа дека од 226 жени со импланти, 77 се одлучиле за „операција за експлантација“ и од тој број, 85 проценти се чувствуваат многу подобро шест месеци по процедурата.
Студијата е прв обид да се испита кластерот на симптоми кои ги погодуваат жените со импланти во таа земја.
„Кога имате толку многу симптоми и толку многу променливи, потребно е време систематски да поминете низ податоците“, вели Ананд Дева, професор на Универзитетот Маквори кој работел на ова истражување.
Експертите ги советуваат жените кои имаат импланти редовно да се проверуваат.
Според истражувањето објавено во Австралазискиот колеџ за козметичка хирургија во 2023 година, зголемувањето на градите е втора најчеста естетска хирургија, со дури 26 отсто од испитаниците кои биле подложени на оваа процедура.