Виртуелните светови како прозорец во 2100 година: Научен поглед во иднината на биолошката разновидност

Климатските промени и уништувањето на живеалиштата ќе предизвикаат истребување на видови кои каскадно ќе се шират низ животинските и растителните заедници и ќе предизвикаат драматично губење на биолошката разновидност, предупредуваат научниците.

Научниците веруваат дека верижно поврзаните истребувања се неизбежни и предвидуваат дека екосистемите ќе доживеат просечна загуба на биолошката разновидност помеѓу шест и десет проценти до 2050 година, во зависност од различните сценарија за емисија на јаглерод.

До 2100 година, загубата на животни и растенија би можела да порасне до дури 27 отсто, предупредуваат научниците кои користеле виртуелни Земји за да мапираат илјадници прехранбени мрежи.

Најтешкиот период

Научниците објавија дека нивните модели сугерираат дека најголемите промени ќе се случат пред средината на векот, предвидувајќи дека „најтешкиот период за природните заедници може да биде неизбежен и дека следните неколку децении ќе бидат одлучувачки за иднината на глобалниот биодиверзитет“.

Со оглед на тоа дека животот на Земјата е загрозен поради уништување на природата со човечко дејство, прекумерна експлоатација на природните ресурси и загадување, научниците предупредија дека на милион видови им се заканува истребување, што според многумина го навестува шестото масовно исчезнување на планетата.

Се верува дека климатските промени драматично ги забрзуваат овие загуби поради екстремните временски услови, промените во однесувањето и живеалиштата.

Но, авторите на новата студија рекоа дека претходните модели не вклучувале проценки за поврзани истребувања на меѓузависни видови поради „каскадни ефекти“.

Научниците од Австралија и Европа создадоа стотици виртуелни Земји со повеќе од 33.000 видови ‘рбетници во илјадници синџири на исхрана низ планетата, „огромна компјутерска мрежа „кој кого јаде“, рече Кори Бредшо, еден од авторите на студијата, професор на Универзитетот Флиндерс.

„Системи за одржување на животот“

Виртуелните светови им овозможија на научниците да следат како видовите се движат и се прилагодуваат на новите услови на животната средина и импликациите за исчезнувањето на одредени видови.

Утврдено е дека климатските промени ќе бидат одговорни за најголем процент на истребувања.

„Ако погледнете низ прозорецот за 87 години, ќе видите, во просек, речиси 30 отсто помалку животински видови отколку денес“, рече Бредшо.

Истражувањето покажа дека најголемата закана постои во местата со најголем биодиверзитет – 36 високо ранливи области со најуникатни видови.

„Тоа е затоа што ерозијата на прехранбените мрежи богати со видови ги прави биолошките заедници ранливи на идни шокови“, рече Бредшо.

Глобалните напори за ограничување на глобалното затоплување често ги ставаат во втор план напорите да се запре уништувањето на природата, но експертите сè почесто предупредуваат дека двете кризи се нераскинливо поврзани.

„Загубата на биолошката разновидност поради климатските промени на многу начини е многу посериозна од она што климатските промени ќе им го направат на човечките општества, бидејќи биодиверзитетот е основата на системот за поддршка на животот на Земјата што го прави нашиот живот возможен“, рече Бредшо, истакнувајќи дека затоа итно се потребни политики за големо и брзо намалување на емисиите на стакленички гасови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот