
Викендов ќе се одржи деветото издание на фестивалот „Друга приказна“ на „Темплум“
Книжевниот фестивал „Друга приказна“ годинава се одржува по деветти пат, првпат во Кафе „Станица“ (ул. Ленинова 64а). Дел од програмите ќе се одржат во „Јадро“ и во „Ла Кања“. На фестивалот од 30 август до 1 септември учествуваат десетина странски гости и дваесетина од нашата земја. Фестивалот го организира книгоиздателството „Темплум“.
Препорачано
Програмата на фестивалот ќе почне на 30 август, во 19 часот, во Кафе „Станица“ со тематски разговор „30 години ’Маргина‘, 15 години ’Окно‘“, што со уредникот Никола Гелевски ќе го води новинарката Александра Бубевска. Потоа ќе следува промоција на првите пет тома (25 мали книги) на новата едиција „OK.NO“.
На истата локација, во 21 часот, ќе се одржи книжевниот натпревар со мали фикции „Овде паѓаат крупни зборови“ на тема „Туѓо тело“, а ќе учествуваат: Ѓурѓица Чилиќ, Маријана Чанак, Томислав Марковиќ, Будимка Поповска, Хана Корнети и уште десетина писател(к)и од Македонија и регионот. Водител на настанот е Владимир Лукаш.
Во пладневниот термин, од 12 до 17 часот, на 31 август (сабота) во „Јадро“ ќе се одржи отворена работилница за современ вез со наслов „Текстилен весник“ со Милица Дукиќ (Нови Сад / Краљево).
Вечерната програма на 31 август во Кафе „Станица“ ќе почне во 19 часот со разговор со Адел Зиад (Назарет) што ќе го води Артан Садику. Потоа ќе се одржи промоција на „Маргина #96“ (посветена на Палестина; промотор: Здравко Савевски).
Во 20 часот ќе се одржи разговор на тема „Што нам ни значи Палестина?“, во кој ќе учествуваат Јерко Бакотин (Сплит), Сара Миленковска, Никола Гелевски, Артан Садику; водителка е Фросина Крушкаровска. Додека во 21.30 часот ќе се одржи разговор со лауреатот Семездин Мехмединовиќ што ќе го води Никола Гелевски.
Во рамки на музичката програма на 31 август (сабота), во 22.30 часот, во „Ла Кања“ (Стара скопска чаршија) ќе настапат Дуда Буржујка и Хана Корнети.
На први септември (недела) во „Јадро“, во 17 часот, ќе се одржи изложба/презентација на „Текстилен весник“ на Милица Дукиќ.
Во Кафе „Станица“ од 18 до 20.30 часот ќе има серија разговори со писател(к)ите Ѓурѓица Чилиќ (Загреб), Маријана Чанак (Суботица), Томислав Марковиќ (Белград), Јерко Бакотин (Сплит), Дуда Буржујка (Ниш)… Водителки на настанот се Калина Малеска и Љупка Евроска.
Во 21 часот со тематски наслов „Каде припаѓам?“ ќе се одржи промоција на книга произлезена од конкурс за стрип на „Хера“ и „Темплум“, како и доделување на наградите на Луција Давиткова, Гаја Смилевска и Сара Ангеловска.