Виганд: Укинувањето на визите за косовските Срби со српски пасоши е во согласност со визната либерализација за Косово

Одлуката на ЕУ со која жителите на Косово кои поседуваат српски пасоши може да патуваат во земјите членки на Унијата без визи е во согласност со режимот за визна либерализација за носителите на косовски пасоши што стапи во сила од 1 јануари годинава, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за правда, еднаквост и владеење на правото Кристијан Виганд.

– Со прифатените измени на Регулатива на ЕУ за визна либерализација им се овозможува на сите косовски Срби што поседуваат српски пасоши издадени од српската Координативна управа да патуваат во Унијата без визи. Со ова сите жители на Западниот Балкан можат да патуваат во ЕУ без визи, истакна Виганд во одговор на новинарско прашање дали со ваквата одлука не се кршат косовскиот интегритет и суверенитет и дали при тоа бил земен предвид ставот на властите во Приштина.

Според Виганд, предлогот за визна либерализација за патување во земјите членки на Унијата за жителите на Косово со српски пасоши е доставен уште во ноември, по што сега Советот на ЕУ само го прифатил.

Советот на ЕУ вчера донесе одлука за укинување на визите за жителите на Косово носители на српски пасоши.

– Советот на ЕУ усвои регулатива со која се гарантира дека целиот регион на Западниот Балкан подлежи на истиот визен режим, со што се укинуваат исклучоците што претходно важеа за носителите на српски пасоши издадени од Координативната администрација на Србија, соопшти Советот.

Одлуката ќе стапи во сила на 20-тиот ден од нејзиното објавување во Службениот весник на ЕУ и ќе почне да се применува во сите земји членки на Унијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот