ВИДЕОИНТРЕВЈУ | Проф. д-р Спиридонов: Нè очекува долго топло лето со локално невреме

Владо Спиридонов/Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Зголемувањето на бројот на населението на Земјата доведе до брза индустријализација и до зголемување на стакленичките гасови. Колку ова влијае на климата, колку промени на климата не очекуваат во иднина, дали ќе се повтори Дубаи наскоро, каква ќе биде климата во текот на летото? Одговор на овие и на други прашања во утринската програма на „Слободен печат“ утрово побаравме, од професор доктор Владо Спиридонов, од Природно-математичкиот факултет, доктор по метеоролошки науки. Професорот вели дека не очекува долго топло лето со локално невреме, а неговата нова книга Наука за планетата Земја дава одговори за климатските промени низ светот.

– Во април имавме лето на почетокот, сега веќе температурите наликуваат на есенски. Денес е 22 април Денот на планетата Земја. Мојата книга Наука за планета Земја ги изучува сите суштински поглавја од областа на нашата планета, елементарните непогоди, природни катастрофи, загревање на планетата. Тоа е една нова книга која се воведе во студиските програми како задолжителен предмет-вели Спридонов.

Тој објаснува дека користењето на јаглен гас и нафта, се основната причина за појава на стакленички гасови во атмосферата и го прават тој ефект на стаклена градина.

– Треба да имаме предвид дека од прединдустрискиот период до сега, концентрацијата на стакленички гасови е зголемена некаде за 20 проценти по декада. Тоа влијае на зголемување на просечната или средна температура на планетата за 1,36 степени. Планетата е загреана и ако продолжи овој тренд на неконтролирани емисии навистина ситуацијата ќе биде загрижувачка-вели Спиридонов.

Тој објаснува дека поради овие причини климатските промени се забрзани и се понагласени, а климатскиот систем е нарушен.

– Тоа е исто како човечкиот организам. Ако имаме само еден степен повеќе на нашето тело нашиот организам сигнализира дека не се чувствуваме добро. Тоа е исто со климатскиот систем којшто едноставно така функционира и не е навикнат да функционира во загреани услови. И затоа има реакција, има негативни консеквенции-вели професорот.

Според него повисоката температура влијае на зголемување на честината, фреквенцијата и интензитетот на овие атмосферските системи.

– Влагата во воздухот служи како гориво и тогаш се јавуваат оние атмосферски нестабилности и грамотевични процеси. Таков е последниот во Дубаи. Значи, во услови на загреана клима, загреана планета за еден степен, имаме поголема влага, имаме гориво за развој на бурни грамотевични процеси-вели Спиридонов.

Тој објаснува дека стабилна атмосфера значи стабилни временски услови, сонце, повисоки температури. Нестабилна атмосфера, повеќе врнежи, нестабилни ветрови, динамика, снег.

– За да имаме ние денес преодна стабилизација на времето, како што ќе ја имаме, а вечер повторно влегуваме во нов систем со врнежи, значи нешто мора да го предизвика-вели тој.

Што се однесува до Македонија полето се менува со секојдневните атмосферски услови.

– Ние ќе имаме повторно врнежи. Меѓутоа, трендот на температурите до Велигден, ќе биде во зголемување постепено. Ќе ни претстои малку постабилен период, освен овој циклон од денес, односно утре-вели Спиридонов.

Потоа следува постабилен период. Во текот на мај месец врнежите ќе бидат во рамките на просечните.

– Температурите иако во пораст ќе бидат пониски од просечните за мај. Ова лето, сите индиции упатуваат на повисоки температури во ова област. Значи имаме, генерално, потопло лето. И за нијанса, посуво лето. Но, топлото лето и онаа водена пара за кој зборувавме во овој регион, како и лани ќе има интензивни процеси, посебно на загреано територија може да презизика бурни и грамотевични процеси. Не дај Боже да се повтори поплавата од Стајковци од 2016 година-вели професорот.

Негова сновна идеја е науката да даде одговор, како подобро да се предвидува и да се најавува, да се даваат алерти за такви потенцијални временски хазарди кои ќе се создадат во една мала локална областа.

– Ние ја развивме заедно со мојот колеги од ФИНКИ и од Белградскиот универзитет, алатката НОТАС, што значи нов систем за најава на бури. Тестиравме многу пати на различни региони во светот, дури и во вакви системи, како што разговаравме за урагани, односно, катастрофалната  поплавата во Њујорк. Ја тестиравме и за катастрофалната поплава во Дубаи. Истата покажа солидни резултати. Таа се објавува секојдневно на Фејсбук-вели Спиридонов.

Сега чекаат да се направи конечно веб-апликација и мобилна апликација.

– Секој граѓанин ќе има аларм и навистина, колку толку, ако има доверба во науката, ќе потпомогне да биде информиран непосредно во областа во којашто се движи, работи и дејствува-вели тој.

На прашањето дали во Македонија има доволно метеоролози Спиридонов вели дека состојбата е комична.

– Еден редовен професор во Македонија и еден студент редовен по метеорологија. Тоа е сликата во моментот на институцијата. Да, јас предавам и друг предмет. Кај нас е жалосна сликата. Јас постојано апелирам дека метеорологијата како гранка од физиката, која ќе се изучува на Институтот за физика, ќе дава целосна поддршка во развивањето на науката и на Природно-математичкиот факултет. Јас сакам да кажам дека, навистина, ќе дојде ден кога ќе се запрашаме и ќе се погледнеме и ќе речеме, па како сега немаме кадри, едноставно кој да известува за времето, и за климата, и за водите, и за временските непогоди, и за климатските промени. Па да, ќе нема, затоа што, треба да се има стратегија за една гранка која ќе биде се понеопходна во сите сектори на државата. Едноставно, да се направи едно системско решение, да се запишат на прв циклус студија, да се образуваат кадри, да се вработат оние десетина коишто веќе неколку години чекаат вработување, и, едноставно, да се размислува и за оној кадар којшто ќе биде исклучително неопходен, бидејќи има голем дефицит на метеоролози, нема кој да известува за времето-вели Спиридонов.

Целото интервју погледнете го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот