
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Здравкова: Амнестијата не е лек за пренатрупаноста во затворите, работен ангажман е решение
Еден затвореник ја чини државата околу 10.000 евра годишно, ова го изјави директорот на управата за управување со санкции, Александар Панов. Тоа е сериозен трошок доколку се земе предвид фактот дека во моментов има околу 2.400 затвореници. Затворениците секој ден не јадат кавијар, туку оваа пресметка се базира на основните трошоци како храна, струја, вода, здравствена заштита…
Препорачано
Од 2015 година, откога се применува Законот за пробација, постојат бројни позитивни примери на затвореници кои казната ја отслужиле на тој начин што не биле затворени во ќелија, туку преку други алтернативни решенија под надзор на пробациска канцеларија вршеле одредена дејност, работат во јавни претпријатија, невладини организации… Постојат ситуации кога лице сторител на кривично дело кое работело за време на отслужување на казната и се покажало како одговорно, потоа добило понуда да се вработи на тоа место. Пробацијата игра важна улога во намалување на бројот на затворската популација, но не се применува доволно, вели за „Слободен печат“, Ирена Здравкова од Македонското здружение на млади правници.
– Судиите не се охрабруваат да изрекуваат пробација бидејќи потоа тоа повлекува редовна координација со пробациските канцеларии, кои се малку, имаме само 11 и тоа е една од заложбите, Управата за управување со санкции во иднина треба да работи на зголемување на бројот на вакви канцеларии. И да го појасниме тоа дека, кога едно осудено лице е под пробација, тоа е на слобода, но не значи дека не е казнето. Тој врши одредена дејност под пробациски надзор, а доколку не се придржува кон мерките пропишани од судот, казната ќе биде активирана и тие ќе се вратат во затвор – вели Здравкова.
Со ова државата добива многу, како што вели Здравкова, бидејќи во такви услови државните трошоци се многу помали споредбено со трошоците доколку осуденикот е во затвор.
– Пробацијата не се применува во малите градови, имаме ситуации во внатрешноста каде пробациски службеници се ангажирани, а не одлучуваат по предмети, со што повторно се доведуваме во ситуација на нефункционален систем. Тоа значи дека е конечно дојдено време за измени во Законот за пробација, со цел почесто изрекување на ваквите мерки – додава таа.
Општокорисната работа се изрекува само за полесни дела и за лица кои не се повратници, но како што појаснува нашата соговорничка, целта е во иднина ова да претрпи измени.
– Од страна на Пенелошкото друштво беше извршена една анализа во овој контекст, за тоа колку е важен третманот на осудениците преку работен ангажман. Затворениците треба да се мотивираат да сакаат да работат, со тоа што ќе бидат условени со погодностите од типот на слободен викенд и други дополнителни погодности за лицето коешто повеќе се ангажира со работа. На тој начин ќе влијаеме и врз ресоцијализацијата на затворската популација – рече таа.
Статистиката покажала дека 67 отсто од затворениците се работно ангажирани. Меѓу затворениците, вели Здравкова, нема голема желба да работат. Таа објаснува дека општокорисната работа се изрекува само за полесни дела и за лица кои не се повратници, но како што појаснува нашата соговорничка, целта е во иднина ова да претрпи измени.
– Затворениците треба да се мотивираат да сакаат да работат, со тоа што ќе бидат условени со погодностите од типот на слободен викенд и други дополнителни погодности за лицето коешто повеќе се ангажира со работа. На тој начин ќе влијаеме и врз ресоцијализацијата на затворската популација – рече таа.
Амнестијата не нуди долгорочно решение во борбата со затворската пренатрупаност
– Амнестијата е популарна мерка која се применува пред избори, се промовира како мерка за намалување на пренатрупаноста во затворите, но факт е дека ние со овој проблем се соочуваме веќе подолго време. Анализите покажуваат дека лицата по попуштање со амнестија повторно се враќаат во затвор. Загрижува податокот дека секое второ лице што е осудено е повратник. И најпосле, се покажа дека амнестијата не нуди долгорочно решение во борбата со затворската пренатрупаност, бидејќи не се системски, привремени се и лицата не се следат – вели Здравкова.
Стручната јавност е против изрекување на кратки казни затвор, додава Здравкова, бидејќи не придонесуваат во ресоцијализацијата и кон подобар третман на осудените лица.