Влатко Трпковски/Фото: Приватна Архива

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Трпковски: Од студент на генерација, до тим-лидер на најголемата банка во Австрија

Како студент на генерација во Македонија, завршува како тим-лидер во ИТ-секторот во една од најголемите банки во Австрија? Како е да се работи надвор од границите и која е причината поради која младите мозоци си заминуваат од државава? „Слободен печат“ во поддршка на младите успешни Македонци утрово одговор побара од Влатко Трпковски, кој во моментов работи во една од најголемите банки во Виена.

Вели дека додека се образовал, како и секој Македонец сакал своето знаење да го примени овде во земјава. Но патот го однел надвор од границите во потрага по подобар живот.

-Би почнал од почетокот. Како и сите, сакав да живеам цел живот во Македонија. Завршив средно, се запишав на Економскиот факултет бидејќи ме водеше мислата дека најдобро е да продолжам дома. Со голема желба, ентузијазам, дипломирав и почнав да работам во една од најголемите македонски банки. На почетокот, како што е редот, почнуваш од најдолу и си викаш, за некое време ќе напредуваш на друга позиција. Поминав скоро пет години во банкарскиот сектор во Македонија на убави позиции, но сепак со буквално минимална плата која по пет години не порасна многу и беше потпросечна плата во Македонија – вели Трпковски.

Во 2020 година го напуштил банкарскиот сектор со тогаш потпросечна плата. И тоа била причината за доусовршување. Завршил на Универзитетот „Кирил и Методиј“ Економски факултет и полека почнал паралелно да посетува информатички обуки.

– Ги завршив обуките, академии, неколку пати се обидов да работам од дома за странски фирми од Европа, но тоа не ме исполни. Фирмите во Македонија не се финансиски толку моќни како надвор, во Европа. Проблемот којшто јас го видов е дека колку и да се трудиш во Македонија, ти како сам свој човек, тешко ќе можеш финансиски и материјално да си обезбедиш нешто – вели Трпковски.

Сега е тим-лидер во една од најголемите банки во Австрија. На прашањето кои се сличностите, а кои разликите во начинот на работа и живеење меѓу Австрија и Македонија, Трпковски вели дека Австријците се многу поладен народ. Вели дека во своето опкружување има десетина Македонци со кои е доста близок и сите се доста успешни луѓе.

Влатко Трпковски/Фото: Приватна Архива

– Многу малку луѓе од Македонија доаѓаат да работат овде во ИТ-секторот. Најголем дел се вработени во градежништво или пак во патен превоз и транспорт – вели тој.

За младите вели дека би им препорачал секој од нив да ја следи својата желба за успех, и доколку може да успее треба да остане и во својата матична држава, во која е роден.

– Доколку има желба да оди надвор од Македонија и сака да го види светот со други очи, потребни се само упорност и труд, бидејќи еден ден тоа 100 отсто ќе им се исплати. Засега не планирам враќање во Македонија, а во Скопје доаѓам кога имам можност, но една недела е доволно да се видиш со сите кои ти се блиски – завршува Трпковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот