
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Трипков: Прва посета на музеј со водич на знаковен јазик за лицата со хендикеп на Инфјужн фестивал
Каков е животот на лицата со попреченост во државата? Има ли напредок? Се прават ли доволно рампи по коишто можат да се движат? Имаат ли простор за забава? Минатата година последен пат беше организирана модна ревија, која беше специјализирана за лицата со попреченост. До каде е производството на ваков тип на облека? Одговори побаравме од Гере Трипков, претседател на Здружението „Икуалити“ и основач на „Зен футурист“. Тој вели дека нивната битка останува и понатаму за подобри услови на лицата со хендикеп. Има придвижувања, меѓутоа недоволни.
Препорачано
– Она што ние како Здружение „Икуалити“ го правиме, се неколку проекти коишто ги организираме со странски партнери и експерти, кои треба да ги пренесат искуствата и тука, а потоа ние ќе одиме да учиме од нивните искуства, како во јавните средини, значи пристапноста генерално-архитектонска во јавните средини, меѓутоа зборувам и за пристапувањето кон лицата со попреченост, работници од социјална област, од образование, од култура и од здравство. Тоа ни е приоритетно оваа година – вели Трипков.
За облеката за лицата со попреченост вели дека во моментов се бара инвеститор за понатамошно производство.
– Првиот чекор си го зацртавме и го исполнивме, а тоа беше модната ревија која ја имавме и им овозможивме на 31 лице од целата територија на Македонија со попреченост да им направиме по мерка, приспособена облека, прекрасна колекција, која убаво изгледа, меѓутоа им помага и во функционирањето на нив и на оние што им помагаат при облекување. Вториот чекор е понатамошно развивање на прототипите за официјализирање на првата колекција – вели Трипков.

Тој објаснува дека во меѓувреме се во потрага по инвеститор, бидејќи станува збор за специфичен проект кој треба да прерасне во глобален бренд.
– Тоа сакаме да го направиме, да го искористиме потенцијалот на македонската текстилна индустрија и да создадеме бренд, моден бренд за адаптирана облека – вели тој.
За пристапните рампи вели дека се буди свеста кај државните и јавните институции.
– Во неколку културни институции немавме пристапност. Организираме перформанс и едно од лицата кое ќе ни дојде од Германија од дуото „Скин“ е лице со попреченост. Имавме сериозен предизвик да најдеме соодветна сцена која ќе ги задоволи неговите потреби. Успеавме тоа да го договориме со Театар комедија. Така социјалната културата ќе стане сè поотворена, не само за публиката, не е секогаш доволно само да овозможите и во гледалиштето да имате публика со попреченост. Дури и за актерите – вели Трипков.
За претстојниот фестивал кој се отвора утре и трае пет дена, вели дека ќе има речиси 50 настани поделени во пет тематски денови. Фестивалот започнува со дуото „Скин“ од Германија, во вториот ден има уметност, значи уметнички креативни работилници во текот на денот.

– Ќе цртаме мурал, потоа имаме изложба на млади уметници и со тоа на некој начин ќе го заокружиме овој уметничкиот ден, потоа одиме на третиот, односно четвртиот ден каде што имаме музички концерти, во текот на вечерните часови. Оно што можеби е специфично, се првите тури во Музејот на современа уметност, каде што ќе имаме и толкувач на знаковен јазик, така и лицата со оштетен слух ќе можат да уживаат во културата. Една комплетна петдневна програма, каде што секој ќе најде нешто за себе – вели Трипков.
Влезот секаде е бесплатен и влезници не се потребни.